Работникот има право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40 проценти од просечната месечна нето-плата по работник во Македонија исплатена во последните три месеци.

По најмалку 11.477 денари треба да легнат на сметката на секој вработен во приватниот сектор за регрес за годишен одмор. Крајниот рок за овогодишниот регрес е 31 декември 2021 година, но дел од работодавачите тоа го направиле и порано. Сепак, има и исклучоци што ќе можат да исплатат и помал К-15, но никако нула денари. А тоа се оние кај кои настанале тешкотии при работењето.

– Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството предвидува право на надоместоци на трошоци на работниците поврзани со работа. Еден од надоместоците поврзани со работа, а предвидени со членот 35 од Колективниот договор, е правото на регрес за годишен одмор, попознато како К-15. Работникот има право на регрес за годишен одмор под услов да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач. Регресот за годишен одмор се исплатува еднаш во текот на годината, а исплатата на регресот е задолжителна за работодавачите. Работникот има право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40 проценти од основицата. Износот на регресот се утврдува според основицата, која важи на денот на донесувањето на одлуката за исплата – вели Јована Тренчевска, в.д. директор на Државниот пазарен инспекторат.

Според Колективниот договор, основицата за пресметување на надоместоците на работниците преставува просечната месечна нето-плата по работник во Македонија исплатена во последните три месеци. Просекот за последните 3 месеци за кои Државниот завод за статистика има објавено податоци (јули, август и септември) е 28.602 денари, што значи дека 40 отсто се 11.477 денари. Со колективен договор на ниво на дејност, или колективен договор на ниво на работодавач, може да се утврди регрес за годишен одмор во поголем износ од износот утврден со Општиот колективен договор.

Кога работниците може да земат помал К-15?

Во разговор за „Слободен печат“, Тренчевска објаснува дека работниците може да земат и помал износ од 40 проценти од основицата, но само ако се покаже дека фирмата имала тешкотии при работењето. Но, токму оваа одредба минатите години беше многу критикувана, како од самиот Државниот трудов инспекторат, така и од Сојузот на синдикати, кој досега не успеа да издејствува нејзина промена кај работодавачите. Имено, со оваа одредба дури не се кажува ни дека фирмата треба да биде во минус, туку се зборува само за „тешкотии во работењето“, што според критичарите е многу недефиниран поим.

– Работодавачите кај кои настанале тешкотии во работењето, ценејќи ја економско-финансиската состојба на работодавачот, можат да одат под загарантираниот минимум од 40 отсто, според Спогодбата за изменување и дополнување на Колективниот договор за приватниот сектор од областа на стопанството објавена во Службен весник на РСМ бр. 119 од 14 јули 2015 година. Ова е дозволено само по задолжителна претходна консултација со синдикатот на ниво на гранка, односно оддел, што значи дека со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден со овој колективен договор. Кај работодавачите во кои нема формирано синдикат, спогодбата се потпишува со претставник избран од работниците – вели Тренчевска.

Годинава се донесени 191 решение за неисплатениот лански К-15

Минатата година за неисплатениот К-15 во 2019 година, Државниот пазарен инспекторат донел 98 решенија, од кои 25 опомени и 73 наредби. Годинава, пак, за неисплатениот К-15 за минатата година биле донесени 191 решение, од кои 161 опомена и 30 наредби.

– Од донесени 30 решенија-наредби за 27 е постапено, во оставениот рок и е исплатен регрес за годишен одмор на работниците, по две од донесените решенија не е постапено за кои инспекторот издал прекршочни платни налози, по прекршочните платни налози е постапено, односно работодавачот ја платил утврдената глоба во прекршочниот платен налог, а едно решение е поништено од второстепената комисија по поднесена жалба, и за кое инспекторот вели дека постапката е сѐ уште во тек – објаснува директорката Тренчевска.

Таа ја објасни и процедурата, како Инспекторатот постапува кога има неисплатени плати.

– Кога државниот инспектор за труд ќе утврди дека на работникот не му е исплатен регрес за годишен одмор, на работодавачот со решение ќе му изрече инспекциска мерка опомена, со која ќе го задолжи во зададен рок на работникот да му исплати регрес за годишен одмор. Доколку работодавачот не постапи по решението, Инспекторот за труд со решение ќе му изрече инспекциска мерка наредба и ќе му нареди на работодавачот да го исплати регресот за годишниот одмор. Доколку работодавачот не постапи и по наредбата, државниот инспектор за труд ќе спроведе постапка за порамнување на работодавачот со издавање прекршочен платен налог, согласно со Законот за прекршоци. Доколку не ја плати утврдената глоба, инспекторот поднесува прекршочна пријава до прекршочен орган. Правото на надоместок за регрес за годишен одмор, работникот може да го оствари и со поднесување тужба до надлежен суд – вели Тренчевска.

Што ако работодавачот дал К-15 во јули, а работникот се вработил во мај?

Тренчевска во разговор за „Слободен печат“ објасни дека секој работник што работи во иста фирма 6 месеци, има право на К-15, дури и ако тој бил исплатен кога тој го немал направено тој стаж. Имено, ако некоја фирма исплатила К-15 во јули, а работникот се вработил на 1 мај, тој ќе си го добие регресот за тековната година, тогаш кога во истата таа година ќе направи стаж од 6 месеци кај истиот работодавач.

– Работниците што на денот на донесувањето на Одлуката за исплата на регрес за годишен одмор не работеле шест месеци кај истиот работодавач, правото на регрес ќе го остварат во моментот кога ќе наполнат шест месеци, но останува висината што е утврдена и за другите работници со одлуката за исплата на регрес за годишен одмор. Право на надоместок на регрес за годишен одмор имаат и жените што користат отсуство поради бременост и раѓање,  а се во работен однос 6 месеци кај ист работодавач во календарската година – вели Тренчевска.

 

Извор: Слободен Печат