За време на полицискиот час, кој во сабота и во недела ќе почнува од 16 часот и ќе трае до 5 часот следното утро, производствените погони и фабрики го продолжуваат своето производство организирано во смени.

Во согласност со заклучокот од дванаесеттиот состанок на главниот координативен кризен штаб на Владата, работниците во време на забраната за движење ќе може да се упатуваат на своите работни места исклучиво со посебни дозволи за вршење сменска и ноќна работа. Тоа се истите дозволи што се издаваат на образецот усвоен од страна на кризниот штаб, а ги издаваат самите одговорни лица на компанијата.

Во дозволата се наведуваат основните податоци за работникот, адресата на живеење, но и работното место и називот на компанијата во која работи. Притоа се наведува и смената во која е ангажиран работникот. Дозволата ќе биде потврда за движењето на работникот во услови на воведен полициски час и таа ќе треба да се приложи на увид до органите на државата. Дозволата за движење ќе важи исклучиво за лицето на чие име е издадена. Овие издадени дозволи од страна на работодавецот не треба да бидат заверени и потврдени од страна на Министерството за внатрешни работи или надлежното ОВР.

„Апелираме до компаниите што работат во смени и за време на полицискиот час да покажат одговорност, да се придржуваат и да ги почитуваат мерките за заштита на работниците во услови на епидемија од Ковид-19. Инспекциските служби се на терен и ќе го следат почитувањето на препораките:

– во погоните каде што непосредно се врши производниот процес да се лимитира бројот на вработени до таа мера што работниците ќе бидат на растојание од 1,5 до 2 м;

– во самиот погон задолжително да се обезбеди средство за дезинфекција нa рацете и работните површини;

– за време на работното време од страна на вработените да се почитуваат општите препорачани мерки за повисоко ниво на лична и општа хигиена;

– да се врши почесто проветрување на работните простории, односно повеќепати во текот на денот доколку е тоа можно (преку природна и вештачка вентилација);

– еднаш неделно да се врши дезинфекција на сите работни простории, особено во погоните, од овластена служба за тоа;

– во случај на непосреден контакт со позитивен лабораториски потврден случај на Ковид-19 (со или без симптоми) лицето веднаш да се изолира и се пријавува до надлежен центар за јавно здравје;

– да се избегнува контакт на вработените лица од погоните меѓу себе во текот на работниот процес, а особено со административните службеници;

– во случај на потреба од административна работа, потпишувањето на хартиени документи да се спроведува исклучиво преку едно одредено лице, кое носи лична заштитна опрема на себе (заштитна маска и ракавици);

– лицата задолжени за обезбедување на објектот да носат исто така лична заштитна опрема;

– возачите што дистрибуираат готови производи, репроматеријали, хартиени документи, исто така да носат лична заштитна опрема;

– да не се одржуваат состаноци/колегиуми и тие да се спроведуваат на телефон или на имејл“, велат од Владата.