До крајот на месецот работодавците имаат рок да го исплатат регресот за годишен одмор или познат како К-15. Според штипскиот економски експерт, Глигор Ивановски без разлика дали во моментов имаме економска или енергетска криза, ако нешто е предвидено согласно Законот треба да се реализира од страна на работодавците. Посочува дека исплатата на регресот за годишен одмор е обврска предвидена и во Закон и во колективните договори

-Тоа е законска обврска, ја има во колективните договори кои се потпишани од сите тројца учесници во тоа колективно договарање, Комората на работодавци, Синдикатот и Владата. Додека постои таква законска обврска сметам дека треба да се исплатува, доколку не може да се исплати треба да се промени основ од Законот. Не може нешто да постои како обврска, а да бараме начин да не го исполниме, вели Ивановски.

Законската обврска на работодавецот е до 31 декември да ја намири обврската за исплата на К-15. Висината на регресот за годишен одмор произлегува од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството и е дефинирана како минимален износ од најмалку 40 отсто од основицата за оние работници кои го имаат исполнето условот за работа од најмалку шест месеци.