Стапката на раст на бруто-домашниот производ (БДП) во четвртото тримесечје од 2017 година е 1.2%. Според проценетите податоци на Државниот завод за статистика, во овој период најголем пораст е забележан во секторите: трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли; транспорт и складирање; објекти за сместување и сервисни дејности со храна од 15.6%; земјоделство, шумарство и рибарство од 4,0% и рударство и вадење на камен; преработувачка индустрија; снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација; снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината од 1.1%.
Финалната потрошувачка на домаќинствата вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во четвртото тримесечје од 2017 година, номинално расте за 4.9%, а нејзиното учество во структурата на бруто- домашниот производ изнесува 64.8%.
Извозот на стоки и на услуги во наведениот период номинално се зголеми за 14.9%, а увозот на стоки и на услуги забележа зголемување во номинален износ од 11.0%.
За споредба, стапката на раст на бруто-домашниот производ (БДП) за третото тримесечје од 2017 година беше 0.2%.