Расте ценатата на становите, но и побарувачката на станбените кредити. Според податоците на Народната банка, токму овие кредити бележат годишен пораст од 14%, додека во 2 квартал  ценатата на метар квадратен е зголемена за 4%. Причината за ваквиот драстичен  скок, експертите ја гледаат и во поскапените материјали за градба, но и во поскапата работна сила. Велат дека  поскапување на недвижнините е евидентно после секоја криза.

– Затоа што инвестициите во недвижнини, како и сега, така и во иднина, се најсигурна инвестиција. Најчесто се купуваат веќе изградени станови, без разлика на квадратурата. Значи, дали е 40 или 80 квадрати, граѓаните бараат стан кој што е веднаш вселив, изјави Слободан Митревски, Агенција за недвижнини Асторија.

Цената за квадрат во просек се движи околу 1.000 евра. Главниот град е најскап – граѓаните плаќаат од 1.050 па се до 1.300 евра за квадрат во строгиот центар. Сепак, од овој сектор ги отфрлаат шпекулациите дека цените ќе продолжат да растат и ќе достигнат до 2,000 евра.

– И јас ги слушнав тие гласини, дека цените ќе достигнат 1.700, 1,800, па дури и 2.000 евра. Верувајте до тоа нема да дојде. Сепак, нашите граѓани немаат стандард за такво нешто. Можно е благ пораст до 1,350 – 1.400 евра за квадрат, додава Слободан Митревски, Асторија.

Според последните податоци на Народната банка, во мај се пласирале скоро милијарда евра во станбени кредити или точно 995 милиони евра, сума која за еден месец е зголемeна за над 8 милиони евра. Инаку, побарувачката на станбени кредити е во постојан пораст, за разлика од надолниот тренд на побарувачка за автомобилски кредити и кредитни картички.