Мартовската пензија ќе порасне за 8,4%. Покачувањето ќе важи за сите, па така, оние со најниски пензии ќе добијат најмалку – само 900 денари, а оние со највисоки пензии околу 4 илјади плус. Просечната пензија, пак, ќе порасне од 17.666 на 19.150 денари. Претседателката на СЗПМ смета дека најважно е пензиите да се редовни, а државата покажала грижа кон пензионерите.

„Секогаш да добиете поголем износ е подобро. Но, да не заборавиме дека кое било решение да се предлага, како што вие рековте, малку се тие илјада денари кои ќе ги добијат пензионерите, но треба да се има предвид фактот кога тоа се предлага, дали таквото решение е одржливо“ – Станка Трајкова, претседателка на СЗПМ.

Статистиката покажува дека над 90 илјади пензионери земаат над 20 илјади денари. Најголем дел од пензионерите, над 230 илјади лица, месецот го „туркаат“ од 12 до 20 илјади денари. Токму затоа и не се оптимисти дека покачувањето ќе им го пополни домашниот буџет кој веќе е празен поради превисоките цени.

Дека трговците незначително ги намалиле цените на тестенините и млечните производи, потврди и вицепремиерот за економски прашања. Тие имаат уште малку време да ги поевтинат производите, пред да им се замрзнат цените в четврток. Битиќи најави и дека се прават анализи дали треба да бидат замрзнати цените на јајцата, оризот и шеќерот.

„Не сакаме да нанесеме штета со воведување мерки од денес за утре затоа што сме свесни дека одредени суровини коишто тие ги користат се со одредена цена. Многу е мало намалувањето, но реакциите се позитивни дека на 16-ти сите ќе имаат намалени цени според новите цени коишто се дефинирани“ – Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања.

Инаку, вчера социоекономскиот совет потврди раст на минималецот за 12%, со што најниската плата во државата ќе биде 20.175 денари. Линеарно ќе расте платата и кај администрацијата.