Вкупниот број на остварените трансакции со домашни платежни картички на уредите лоцирани во странство лани изнесуваше 5,3 милиони трансакции и забележа годишен раст од 30%, односно со вкупна вредност од 217 милиони евра, покажуваат најновите податоци на Народната банка. 

 

Македонските граѓани извршиле најмногу трансакции на уредите лоцирани во Обединетото Кралство, по што следуваат САД и Србија. Притоа, значителен број од трансакциите се остварени во Обединетото Кралство, Луксембург, САД, Унгарија и Ирска.

Вредноста на остварените трансакции со домашни платежни картички на уреди лоцирани во странство изнесуваше 13,4 милијарди денари и забележа годишен раст од 22%. Значителен дел од вредноста беше остварен во Обединетото Кралство, Унгарија и Грција.

Трансакциите во трговијата извршени на физичките места на продажба се најзастапени во вкупната вредност (особено во Грција), но се забележува релативно високо учество и на интернет-трансакциите во Обединетото Кралство, Унгарија, САД, Луксембург и Ирска.