Од тимот на Кајак.мк, платформа што важи за промотор на домашниот туризам, велат дека во изминативе два месеци е поставена нова рекордна бројка на пребарувања и посетеност на платформата Кајак.мк. Според нив, јуни и јули се месеците кога голем дел од домашните туристи пребарувале викенд дестинации каде би можеле да престојуваат и да го исполнат своето слободно време со активности во природа. Интересен е фактот дека голем дел од пребарувањата се за села и предели во Македонија што не се доволно атрактивни на туристичката мапа.

Според тимот на Кајак.мк, причината поради која е зголемен интересот за посета на вакви рурални, планински и езерски дестинации е пред се навиката која ја стекнале граѓаните во време на пандемијата. Како што велат, покрај годишните одмори во Македонија и странство, граѓаните бараат начин како да ги искористат и слободните викенди за активности во природа, посета на нови села, планинарење, уживање покрај планински реки и слично.

На платформата може да се најде од сместувачки капацитети низ цела држава, винарии, ресторани и семејства кои нудат гастрономски искуства, па се до активности како кајакарење, параглајдинг и ред други атракции кои може да му го исполнат слободното време на секој турист.

Исто така, расте трендот за изнајмување и престој во објекти изолирани во природа кои може да се престојува на подолг временски период. Најчести гости што покажуваат интерес се лицата што се во можност да работат онлајн и бараат секаков начин да ја заменат градската канцеларија со работа во природа.

Според статистиката, најголем дел од пребарувањата се од лица на возраст од 25 до 35 години, за кои од тимот на Кајак велат дека се генерации кои најчесто ги споделуваат своите импресии и искуства на платформата, што влијае позитивно кога станува збор за подобрувањето на квалитетот на домашниот туризам.