bankРекордните загуби и лошите кредити мерени во милијарди евра ги подгреваат стравувањата од бран на банкротства во европскиот банкарски сектор.

Трошокот на заштита од кредитниот ризик credit default swaps (CDS) за финансискиот сектор во понеделникот се зголеми на највисоко ниво во последните две и пол години. Осигурувањето за пакетот подреден долг на европските банки од десет милиони евра се зголемени за 13 проценти, на 299.450 евра, соопштија од Markit. Тоа е речиси двојно зголемување на месечна основа.

Акциите на банките се во слободен пад, а клучното прашање е дали банките во услови на бавен економски раст и ниски каматни стапки заработуваат доволно пари за да привлечат инвеститори, изјави експертот за финансиски пазари Erik Nielsen од Bank Austria. “Искрениот одговор е: не знаеме.”

CDS на Deutsche Bank во понеделникот се зголеми на 214.625 евра. Германската банка кон крајот на јануари објави за загуба од речиси седум милијарди, што е најголем годишен минус во историјата на банката. Од тогаш, акциите на Deutsche Bank бележат постојан пад на вредноста. Во понеделникот, акциите се спуштија на седум годишен минимум од 14,51 евра.

Акциите на Credit Suisse минатата недела паднаа на најниско ниво по повеќе од 23 години. Лошите кредити во износ од 200 милијарди евра се главниот негативен фактор за италијанските банки. Владата во Рим е во повеќе месечни преговори со ЕУ, со цел да ги усогласат деталите околу формирање на т.н. лоши банки.

Европскиот банкарски индекс во понеделникот падна за 3,3 проценти, на 141,59 бодови, на чекор од три и пол годишниот минимум од минатата недела. Неговиот грчки пандам падна за 20 проценти минатата недела, на рекордно ниско ниво од 25.22 бодови.