Расте загриженоста за „лажниот мед“ од Турција, земја која е една од најголемите извозници на мед во светот. Турција е еден од најважните играчи на светскиот пазар на мед. По Кина, таа е втор најголем извозник на мед во светот. Во Турција, земјата што ги поврзува Европа и Азија, годишно се произведуваат 115.000 тони мед – тоа е околу една четвртина од производствениот капацитет на Кина.

На листата на пет најголеми извозници на мед се и Етиопија, Иран и Индија. Во Турција има околу 100.000 пчелари со околу девет милиони пчелни кошници. Според турското Министерство за земјоделство, во оваа гранка се активни околу 500 компании. Според некои проценки, годишен обрт од околу 270 милиони евра е забележан во турскиот сектор за мед. Турција е важен снабдувач на мед и за Германија. По САД, Германија е втор најголем увозник на турски мед. Турција го извезува својот мед во 53 земји, односно во зони за слободна трговија.

Помеѓу 2023 и 2024 година обемот на извозот на мед е зголемен за 1,4 отсто, пишува ДВ. Сепак, овој сектор моментално е во криза. Во Турција сè почесто се произведува фалсификуван мед, а тоа стана проблем со кој се занимава и турската полиција. Во текот на изминатите месеци беа извршени бројни рации при што беа одземени неколку тони лажен мед.

Во една рација во главниот град Анкара, во септември минатата година, полицајците открија 8.150 тони гликоза, фруктоза и шеќер – како и 100.000 етикети од различни марки мед. И покрај сè, не се знае вистинскиот обем на производство на лажен мед во Турција. Лажниот мед во Турција чини околу 1,60 евра за килограм, додека цената на вистинскиот е околу осум евра. Експертите велат дека постоечките царински контроли не се доволни за да се препознае лажниот мед. Затоа е можно турскиот лажен мед веќе да завршил во странство. Дали навистина е веќе извезен, засега не е јасно.

Веќе има индиции дека во Европа навистина се појавил фалсификуван турски мед. Француските власти во јануари минатата година заплениле 13 тони мед што содржи вијагра – попознат како „еректилен мед“. Според официјалните извештаи, овој мед во Европа пристигнал илегално од Турција, Тунис и Тајланд. Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) веќе изјави во 2023 година дека 46 отсто од увезените примероци мед (од вкупно 320 истражени) биле лажен мед. 14 од 15 примероци турски мед биле лажен мед, објави Н1Хрватска.