Развојната банка, активноста на УСАИД – партнерства за eкономски раст и швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ потпишаа договор за набавка на дигитална алатка за кредитно осигурување, нов дигитален производ на домашниот финансиски пазар.

– Целта на оваа соработка е да се одговори на потребите на домашните компании за раст и развој, односно да им се олесни пристапот на компаниите до посоодветни инструменти и решенија за управување со финансиите. Ова софтверско решение ќе ја олесни и ќе ја забрза комуникацијата и ќе им помогне на компаниите поедноставно да ги користат инструментите што ги нуди Банката за олеснување на трансакциите, особено во делот на обезбедувањето на побарувањата, осигурувањето на извозот и „факторингот“ – велат од УСАИД.

Решението, додаваат, ќе биде поставено на веб-платформата на Развојната банка, целосно приспособено за употреба од компаниите.

Минатата година, согласно со интерната анализа на Развојната банка и потребите за пристап до финансиите на приватниот сектор,  Банката успешно реализираше кредитна линија за дигитализација и дигитална трансформација, со поддршка од швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ.

– Дигитализацијата на еден од клучните процеси на Банката ќе придонесе за директно зголемување на осигурениот извоз, како и за извозниот и за домашниот „факторинг“. Дополнително, овој процес позитивно ќе влијае врз инвестициите на компаниите и врз отворањето нови работните места – потенцираат од УСАИД.