Кина не сака трговска војна со САД, но ќе ги брани своите интереси, изјави денеска висок кинески дипломат, откако американскиот претседател Доналд Трамп објави план за воведување увозни давачки за челикот и алуминиумот.

Трамп во петокот пркосно порача дека трговските војни се добри и лесни за добивање, еден ден откако рече дека планира да воведе увозни давачки од 25 отсто за увоз на челик и 10 отсто за увоз на алуминиумски производи.

Трговските тензии меѓу двете најголеми светски економии се зголемија откако Трамп ја презеде функцијата претседател во 2017 година. На Кина отпаѓа само еден мал дел од американскиот увоз на челик, но индустриската експанзија на таа земја предизвика пад на цената на челикот.

Преговорите и заедничкото отворање на пазарите се најдобриот начин за справување со тензиите во трговијата, рече заменик-министерот за надворешни работи, Џанг Јесуи, на брифингот пред годишната седница на секинескиот народен конгрес.

„Кина не сака да води трговска војна со САД, но сигурно нема да седиме мирно и да гледаме како се загрозуваат кинеските интереси“, рече Џанг, кој е и портпарол на Конгресот и некогаш беше кинески амбасадор во Соединетите Американски Држави.

„Ако политиката се засновува на погрешни одлуки или претпоставки, тоа ќе им наштети на билатералните односи и ќе предизвика последици што ниедна земја не сака да ги види“, рече тој.

Трамп верува дека царините ќе ги заштитат работните места во САД, но многу економисти велат дека влијанието на зголемувањето на цените за потрошувачите на челик и алуминиум ќе уништи повеќе работни места отколку што ќе ги создаде воведувањето ограничувања за увозот.

И покрај тоа, сè посилен е консензусот на републиканците и демократите во Вашингтон, како и поддршката од американската бизнис-заедница кон потезите на американската администрација, како одговор на она што се смета за граблива индустриската политика на Пекинг и на пазарните бариери кон работењето на странските компании во Кина.

Трамп долго време трага по балансирани трговски односи со Кина, па разгледува и потенцијални трговски санкции против Пекинг како дел од истрагата за кинескиот однос кон интелектуална сопственост и поради кинеските притисоци врз странските компании за трансфер на технологија.

Неговата администрација соопшти дека САД направиле грешка кога го поддржале кинеското членство во Светска трговска организација во 2001 година под услови што не го принудиле Пекинг да ја отвори својата економија.

Извори во дипломатскиот кор и американскиот бизнис-свет велат дека САД сториле сè освен што не го замрзнале формалниот механизам на разговорите за трговските спорови со Кина поради тоа што не се задоволни што Пекинг не ги исполнил своите ветувања за олеснување на ограничувањата за пристап до кинескиот пазар.