Повеќето прогнози за глобалниот економски раст, но и за Македонија, до крајот на годинава и особено за 2023-та стануваат понеповолни од она што беше очекување пред неколку месеци. Проекциите се дека економијата на еврозоната може да влезе во рецесија веќе до крајот на оваа година и би се протегала најрано до летото 2023 година. Ризиците за македонската економија се исто така големи

Како резултат на силните ценовни притисоци, нарушувањата на глобалните синџири, неизвесноста што ја донесе војната во Украина, но и нормализацијата на монетарните политики, односно растот на цената на капиталот, Светската банка очекува годинава глобалниот раст да забави на 2,9 отсто. Прогнозите на ММФ за светската економија се полоши од претходната година. Предвидувањата се дека некои земји ќе влезат во длабока рецесија, а има закана и од стагфлација – односно светот да се соочи со уште повисоки стапки на инфлација и значителен пад на производството. Повеќето прогнози за глобалниот економски раст, но и за Македонија до крајот на годинава и особено за 2023-та стануваат понеповолни од она што беше очекување пред неколку месеци. Постои поголема загриженост од претходно во поглед на инфлациските очекувања на среден рок.
Според Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, војната во Украина и последиците од неа во вид на енергетска криза и недостиг од основните продукти за човечка исхрана ќе бидат главните фактори за движењата во европските економии во периодот што следува.
– Зголемената инфлација е само одраз на овие состојби во економијата. Најголемиот број земји и централни банки многу внимателно ги преземаат мерките за намалување на инфлацијата, затоа што не сакаат да го урнисаат и така преполовениот економски раст за 2022 година. Сметам дека тоа е паметна политика, затоа што многу силните ограничувања што може да ги преземат централните банки ќе доведат до голем пад на економиите, затворање компании и напуштање работници. Оваа алтернатива никој не ја посакува и затоа оставаат инфлацијата да се одржува на некое подносливо ниво, иако се свесни дека таа ги намалува куповната моќ на населението и вредноста на сите видови средства – укажува Димитров.
Според него, нашите мерки за намалување на инфлацијата мора да се усогласени со мерките што ги преземаат европските држави, а особено Европската централна банка. Ако нашата инфлација е значајно поголема од инфлацијата во Европа, тогаш Народната банка ќе има поголеми проблеми за смирување на инфлацијата и тоа ќе бара искористување поголеми девизни резерви за одржување на девизниот курс, кој е нашето сидро за одржување ниска инфлација – истакнува претседателот на собранието на ОРМ.
Како што вели тој, на подолг рок ова би предизвикало и притисок за девалвација за денарот, што би отворило друг вид проблеми во економијата. Затоа, како што додава тој, покрај зголемената каматна стапка од страна на Народната банка, потребни се одредено штедење и намалување на потрошувачката, особено онаа финансирана од буџетот.

– Треба да ни биде јасно дека во услови кога Европската банка печатеше огромен износ евра за да ја поттикнува економијата, и нам ни беше полесно да го одржуваме курсот на денарот, но сега, кога Европската централна банка ја зголемува каматната стапка и го ограничува купувањето обврзници, за да ја намали инфлацијата, и ние мораме да се приспособиме на оваа политика. Затоа, разните видови субвенции и помош на населението мора да се ограничат само на најзагрозените категории население, во спротивно зголемените трошења ќе ги платиме преку зголемена инфлација, која никому не му одговара – појаснува Димитров.
Тој додава дека за одредени реформи не се потребни големи вложувања, а можат да дадат добри резултати, такви се реформите во правосудниот систем, реформите во администрацијата и реформите во образованието, кои се многу значајни за зголемување на економскиот раст, а нема да влијаат на зголемувањето на инфлацијата.
Според неодамнешната изјава на универзитетскиот професор Марјан Петрески, проекциите се дека економијата на еврозоната може да влезе во рецесија веќе до крајот на оваа година и би се протегала најрано до летото 2023 година, но длабочината на рецесијата главно ќе зависи од снабдувањето со гас, особено на германската економија низ трасата Северен тек 1.

– Бидејќи ризиците остануваат на сцена, се очекува дека веќе од есен ќе има уште едно надолно ревидирање на економскиот раст во земјава и дека постои можност за негативен раст и рецесија на почетокот на следната година – вели Петрески.
Фатмир Бесими, министерот за финансии, посочи дека со ребалансот на буџетот продолжуваат со мерки за поддршка на граѓаните и на фирмите.
– Издвоени се резервни средства за нови антикризни мерки. Издвоени се дополнителни средства за поддршка на земјоделците за раст на домашните приноси, за на тој начин да се амортизираат ефектите од високата цена на увозната храна. Издвоени се дополнителни средства за ранливите категории граѓани и за раст на пензиите на пензионерите. Сите овие се целни мерки, бидејќи од особено значење, покрај поддршката за надминување на кризата, е да се одржи макроекономската стабилност. Само стабилна економија може да продуцира силен и одржлив економски раст.