Вкупно 455.600 жители на Македонија, во текот на минатата година, биле под праг на сиромаштија, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Минатата 2019 година, стапката на сиромашни лица во Македонија е 21,9 отсто, исто колку и претходната 2018-та, додека во 2017 година тој процент беше 22,2.

Анализирано според полот, жените се многу повеќе погодени од мажите, па така во сиромаштија живеат 22,5 отсто жени и 21,4 проценти мажи.

Стапката на сиромаштија, според типот на домаќинство, е највисока (45,3 отсто) кај домаќинство на двајца возрасни со три и повеќе издржувани деца. Потоа следи категоријата самохран родител со издржувани деца (42,8 отсто) и домаќинства со издржувани деца (26,4 отсто).

Неактивните и невработените лица се меѓу најранливите категории кога е во прашање сиромаштијата, бидејќи кај нив стапката на сиромаштија е највисока, 33,9 односно 33,2 проценти соодветно, а најниска кај пензионерите од 2,2 отсто.