Заснован на аплицирањето на четирите слободи на кои се темели и Европската Унија, слободно движење на стоки, трговија, луѓе и услуги, една од придобивките на Отворен Балкан е и единствениот и поврзан регионален пазар на трудот. Едногласната поддршка на оваа иницијатива, како и консензуалното одобрување од страна на деловните заедници во Албанија, Северна Македонија и Србија, на граѓаните на овие земји ќе им овозможи да работат во која било од трите држави без да вадат работни дозволи, без бариери, без аплицирања и чекања, без административни трошоци.

Во разговорот на оваа тема, националниот координатор за Отворен Балкан и за регионални иницијативи Марјан Забрчанец истакна дека „откако опозицијата се откажа од блокадите на процесот на ратификација на договорите од Отворен Балкан, останува уште истите да бидат усвоени и на пленарна седница во Парламентот, со што ќе се создадат услови за почеток на имплементацијата на проектот за слободен пазар на труд меѓу земјите од Отворен Балкан“.

Како што е предвидено, вели Забрчанец, Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан и Договорот за интерконекција на шеми за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан ќе им овозможат на граѓаните од трите земји да работат во која било од нив без посебни работни дозволи, без какви било бариери, без аплицирања и чекања, без административни трошоци. Дополнително олеснување ќе обезбедат и договорите за признавање на дипломи и професионални квалификации.

– Огромен е интересот кај бизнис секторот за оваа економска поволност. Постојано добиваме повици од стопанските комори и фирмите од трите држави, бараат час поскоро да почне да се спроведува мерката. Најзаинтересирани се компаниите во ИТ секторот, туризмот и приватното здравство, како и одредени угостителски гранки кои со ова ќе можат да привлечат работници и да отворат нови работни места, истакнува националниот координатор за Отворен Балкан и регионални иницијативи Забрчанец.

Проектите од Отворен Балкан се поддржани од 80% од вкупната популација на земјава според повеќе истражувања на јавно мислење. Тоа треба да го обврзе Собранието да постапува веднаш и без одлагање да овозможи имплементација на оваа мерка.

– Затоа Собранието и пратениците треба да го слушнат гласот на економијата и ратификацијата на договорите од Отворен Балкан да ја стават како прв приоритет во првата прилика кога ќе имаат пленарно заседавање, нагласува националниот координатор за Отворен Балкан и регионални иницијативи Марјан Забрчанец.

Иако првите искуства од оваа мерка се очекуваа уште минатата есен, нејзината имплементација се заглави во македонскиот парламент каде што опозицијата со месеци ја одлагаше и оддолжуваше комисиската расправа на овој и на неколку други договори поврзани за функционално спроведување на заедничкиот пазар на трудот меѓу Албанија, Србија и Македонија.

На ова одлагање реагираше и Стопанската комора на Србија со изјавата на советникот на претседателот на тамошната комора Ненад Ѓурѓевиќ.

– Ја очекуваме ратификацијата на договорите во Собранието на Република Северна како последен чекор после што треба да следува потпишувањето на техничките протоколи како основа за функционирање на единствениот пазар на работна сила меѓу трите земји, изјави Ѓурѓевиќ.

Единствен регионален пазар на трудот за поголеми плати

Штом поминат ратификациите, за да може практично да се спроведе оваа мерка, на секој заинтересиран граѓанин на Отворен Балкан ќе му се издава идентификациски број. Преку веб порталот за електронски услуги граѓаните ќе може да го добијат тој идентификациски број и со тоа практично нема да мора да вадат работна дозвола за Северна Македонија, Србија или Албанија.

Штом се генерира тој идентификациски број тоа значи дека системите за електронски услуги на Србија и Албанија ќе ги препознаваат граѓаните како индивидуи со право на одредени услуги, во случајов тоа би било слободно да работат во една од овие земји.

Со мерката практично се отстрануваат административните бариери за работен ангажман. Ако сега за работна дозвола се чека по два или три месеци и има и административни такси, со оваа мерка се отстрануваат чекањето и бирократиите и се либерализира пазарот на труд, додека платите, придонесите, сместувањето, работникот си ги обезбедува сам или пак фирмата каде што се вработува.

– Станува збор за огромна помош и огромно олеснување за фирмите кои имаат свои претставништва во нашите три држави. Полесно да отвораат нови работни места, офлајн и онлајн и полесно да ангажираат работни кадри и за нив да обезбедуваат добри плати и добри услови за работа. Станува збор за регионална конкурентност на пазарот на трудот која со сигурност ќе придонесе кон покачување на платите, вели националниот координатор за Отворен Балкан и регионални иницијативи Марјан Забрчанец.

„Отворен Балкан“ да стане 3 плус 3 наместо 3 минус 3

Меѓународната заедница, особено Соединетите американски држави, настојуваат иницијативата „Отворен Балкан“ да стане 3 плус 3 наместо 3 минус 3 колку е можно поскоро.

Последниот поттик во таа насока дојде од амбасадорот на САД Кристофер Хил, кој како одличен познавач на земјите од регионот порача дека Отворен Балкан е неопходен процес кој не е конкуренција на Берлинскиот процес и дека воопшто не треба да има проблем за таква соработка каква што се спроведува во рамките на иницијативата.

– Не постојат никакви посебни инструкции за давање поддршка за Отворен Балкан. Сметам дека тоа е одлична идеа и не гледам зошто да не ѝ даваме поттик на таа иницијатива, дополни амбасадорот Хил.

Амбасадорот Кристиофер Хил смета дека не се во право тие што велат дека Отворен Балкан не е инклузивен и нагласи дека станува збор за „апсолутно инклузивна иницијатива со која може да се поттикнува напредок“.

Во таа насока и Американска комора на Косово апелираше Владата во Приштина да го преиспита својот став за Отворен Балкан, а трите земји што ја покренаа иницијативата да покажат поголемо разбирање за да ги пресретнат причини за скептицизмот на властите во оваа земја.

За дел од аналитичарите на Западен Балкан иницијативата „Отворен Балкан“ е поттик за забрзување регионалната соработка и за обнова на довербата меѓу земјите од регионот како предуслови  што е можно побрзо членство во Европската Унија.

Сепак, на прашањето на порталот Рацин.мк дали има поместувања во ставовите за „Отворен Балкан“ во Црна Гора,  аналитичарите во Подгорица, Приштина и Сараево  Боро Вишњиќ, Мељазим Коци и д-р Хамза Карчиќ, велат дека за ова прашања во овие 3 земји сѐ уште има поделени мислења.

Вратите на Отворен Балкан остануваат отворени

Отворените врати за пристапување во иницијативата Отворен Балкан сепак даваат резултати. Последните докази за тоа доаѓаат од постојаниот интерес и „притисок“ на деловните заедници кои во најголема мерка ги чувствуваат придобивките од поврзаниот пазар, максимално намалените бирократски бариери и отворените ленти Отворен Балкан на граничните премини.

– Бизнисмени постојано нотираат дека 26 типа документи веќе не им се бараат, процесот е значително забрзан, постојано укажуваат на придобивките од „Отворен Балкан“, изјави деновите министерот за земјоделство, шуматрство и водостопанство Љупчо Николовски.

Со оваа изјава тој соопшти дека дека заминува за Црна Гора за да ги покани тамошните претставници на стопанството да учествуваат на првиот Саем за храна, кој според моделот на Саемот за вино што минатата есен се одржа во Белград, сега во Скопје, за да се соберат производителите на храна и другите стопанственици од секторите за поддршка на прехранбената индустрија за да договарта дополнително интензивирање и соработката меѓу земјите од Отворен Балкан, како и со другите земји од регионот.

– Во Црна Гора се чувствува огромна желба да ги презентираме нашите податоци за тоа колку е намалено чекањето на граница, колку е зголемен транспортот, колку е зголемена вредноста на соработката. Сите тие информации ќе ги презентираме. Со Црна Гора работиме во таа насока, најдиректно и најотворено разговараме затоа што нашите поголеми компании ја бараат Црна Гора како партнер, реќе во таа прилика Николовски.

Она што останува како факт е дека трите држави активни членки на Отворен Балкан, Северна Македонија, Албанија и Србија, ја водат и развиваат иницијативата со политика на отворени врати за останатите земји од Западен Балкан како Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово, но и за другите земји од регионот – членки на ЕУ за поврзување за развој на сите економии, за заеднички регионален и единствен пазар без ограничувања, без бариери, без граници и за негов долгорочен развој кој ќе донесе подобар живот за сите граѓани.