РЕК Битола за своите потреби врши набавки од најразлични фирми, но една фирма со која државното претпријатие соработува во изминатите години се издвојува од сите останати. Компакт МСФ е фирма која за време на своето формирање, па се до денес, тендери добива само од РЕК Битола.

По пауза од една година фирмата Компакт МСФ се враќа во играта за тендери, а договор потпишала со нејзиниот добро познат клиент, РЕК Битола. Благодарение на досегашната плодна соработка со рударско енергетскиот комбинат, фирмата инкасирала околу 1 милион и 900 илјади евра, покажуваат пресметките врз основа на потпишаните договори објавени на електронскиот систем за јавни набавки. Последниот договор потпишан на 28 јуни е за набавка на електро осигурувачи и држачи за осигурувачи во вредност од 542.800 денари или околу 8800 евра.

Но она што е најинтересно за нејзиното работење и за што веќе пишуваше РСЕ лани е фактот дека сопственичката на фирмата и нејзиниот сопруг се вработени во РЕК Битола. И покрај евентуалниот конфлик на интереси нивниот бизнис со РЕК Битола не запира.

Која е Компакт МСФ

Фирмата е за производство, трговија на големо и мало и формирана во јуни, 2009 година во Битола. Нејзин сопственик, според податоците на Централниот регистар, е Летка Фидановска, која е вработена во РЕК Битола. Сопруг на Летка Фидановска е Менде Фидановски, кој е претседател на синдикалната организација на РЕК Битола.

Седиштето на фирмата и адресата на Фидановска се на истo место, на улица Цветан Димов бр.181, каде се наоѓа куќа на два ката без никакаква трага од Компакт МСФ. На сите договори со РЕК Битола како директор на фирмата до март 2020 година е потпишана Летка Фидановска. Потоа таа фигурира само како сопственик на фирмата, а директор станува Мартин Фидановски, кој исто така има иста адреса на живеење како Летка Фидановска и како седиштето на фирмата.

Седиште на фирмата Компакт МСФ во Битола
Седиште на фирмата Компакт МСФ во Битола

РЕК Битола е подружница на АД ЕСМ. Директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски вели дека нема прекршување во законските одредби. Според него, ниту можат ниту смеат да ограничуваат кои компании ќе се пријават на тендерите и работат транспарентно и отчетно.

„Така што сметам доколку има било каков пропуст или во работењето на АД ЕСМ или РЕК Битола или пак во работењето на споменатата компанија
еве повикувам сите надлежни институции или истражни органи да проверат дали тие постапки биле спроведени согласно законите и процедурите и дали има било какво прекршување“, вели Ковачевски на прашањето на РСЕ дали има конфликт на интерес во тендерите.

Од ДКСК за РСЕ велат дека надлежната комисија ќе го разгледа прашањето дали постои конфликт на интерес во доделувањето на тендерите на Компакт МСФ.

„Јас ќе бидат првиот кој што ќе преземам санкции и мерки против сите инволвирани ако има било какви недоследности во ваквите јавни набавки“, додава Ковачевски кој претходно беше и директор на РЕК Битола.

Остатокот од текстот прочитајте го на  https://bit.ly/3wanxnQ