Неизбежни се рестрикции и поскапување на струјата и тоа до 50 проценти по Нова Година, предупредуваат експертите. Алармираат дека состојбата е крајно сериозна.  Дополнително е влошена со хаваријата  која се случи во РЕК.

Резерви на јаглен нема ниту за една недела. За состојбата и за растот на цените на берзите ги предупредиле надлежните уште пред неклку месеци.

На депонијата во РЕК има 40 илјади тони залиха, резерви како за во лето. Според Манасков со набавката на јаглен се доцни два месеци, а  транспортот на 900 илјади тони кои ќе се увезува ќе биде многу сложен.

Во моментов РЕК произведува струја со еден блок, следната недела се очекува да биде пуштен и вториот кој во моментов е во ремонт. Утре ќе се знае и од каде ќе се земе јаглен за ТЕЦ Осломеј. Експертите сметаат целосно во погон треба да се стави и Когел Север затоа што може многу да помогне. Од ЕСМ  велат – централата работи со пола капацитет затоа што се сервисираат моторите.

За да се надоместат недостатоците, на 4 ти месецов ЕСМ набавиле електрична енергија. Од две фирми купени се  26 илјади мегавати, за 5,5 милиони евра. Испораката ќе почне од денеска и ќе трае до 20 ноември.

Во вторник комисијата предводена од министерот  Бектеши ќе бара од Владата прогласување кризна состојба. Но тврди рестрикции не се потребни. Сепак експертите бараат надлежните веднаш да излезат со план за справување. Ако се делува сега во секторот енергетика ќе биде потребно да се вбризгаат околу 200те милиони евра, но ако се чека ќе требаат многу повеќе пари. Во моментов за санирање на штетите во секторот на располагање има 100 милиони евра , но од Владата уверуваат дека буџетот е во добра состојба.