Собраниската Комисија за финансирање и буџет на денешната седница го разгледа Предлог-законот за гаранција на Република Северна Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на Програмата за обновлива енергија ЕСМ – Компонента I: Ревитализација на хидроелектрани, кој ќе се склучи меѓу Кредитната банка за обнова – КфВ и АД ЕСМ и одлучи да го проследи на натамошна собраниска процедура.

Со заемот, како што истакна заменик-министерот за финансии Филип Николоски, ќе се спроведе ревитализација на големите хидроенергетски централи – ХЕ Вруток, ХЕ Врбен, ХЕ Равен, ХЕ Тиквеш, ХЕ Шпилје, ХЕ Глобочица, ХЕ Козјак и ХЕ Св. Петка. За таа намена се потребни 36,2 милиони евра од кои 25 милиони евра ќе бидат заем од КфВ, а 11,2 милиони евра се грант што го обезбеди АД ЕСМ со поддршка од КфВ во рамки на седмиот повик од инвестициската рамка на Западен Балкан (ВБИФ). Грантот, посочи, ќе биде наменет за инвестициски активности и за консултантски услуги за имплементација на проектот

-Ова ќе биде трета фаза на ревитализацијата на овие хидроелектрани. Претходните две фази се исто така финансирани со заеми, при што првата фаза е финансирана со заем од Светска банка, а втората фаза со заем од Кредитната банка за обнова – КфВ и се успешно завршени, рече Николовски.

Овие хидроелектрани, додаде, имаат околу 85 отсто од вкупно инсталираната моќност на хидроелектраните во земјава и учествуваат со просечно производство од 1.280 гигават часови, односно со нив се обезбедува 20 отсто од вкупното производство на електрична енергија во државата.

-Освен во делот на производство на електрична енергија, овие електрани имаат значајно место и во управувањето и стабилноста на целокупниот електроенергетски систем, регулацијата на напон и фреквенција, како и покривање на „дневните пикови“ во потрошувачката на електрична енергија. Со ревитализацијата се очекува да се добие зголемување на инсталираната моќност од минимум 13,5 мегавати и зголемено производство на електрична енергија од околу 47,5 гигават часови годишно, намалени трошоци за одржување, зголемена доверливост и стабилност на системот, прецизира Николоски.

Заемопримач, посочи, ќе биде АД ЕСМ, а земјава преку Министерството за финансии ќе издаде државна гаранција.

-Рокот на отплата на заемот е 15 години, со вклучен грејс период од пет години. Каматната стапка ќе се утврдува одделно за секоја транша од заемот при нејзино повлекување. При повлекување на секоја наредна транша се пресметува пондерирана просечна каматна стапка и истата ќе се применува на повлечениот износ од заемот. АД ЕСМ ќе и плати на Кредитната банка за обнова – КФВ еднократна провизија во висина од 0,75 проценти од износот на заемот и провизија од 0,25 проценти од неповлечените средства од заемот на годишно ниво, рече Николоски.

Нагласи дека услов за склучување на договорот за заем и договорот за гаранција е усвојување на Предлог-закон за гаранција, од страна на Собранието и негово објавување во Службен весник.

Претседателот на Комисијата, пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ во својот говор истакна дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи Предлог-заемот за ревитализација на хидроелектраните во трета фаза.

-Тоа е проект што е започнат пред повеќе години уште во времето кога ВМРО-ДПМНЕ имало можност да ги управува институциите. Третата фаза требаше да биде готова во 2020 година, но сепак ќе го поддржиме проектот и се надеваме дека раководството на АД ЕСМ ќе успее да ги операционализира средствата и да ги реконструира хидроелектраните, потенцира Стојаноски.