Од понеделник ќе се стопираат вагите и откупните центри со нереална процена на тутунот и нема да дозволиме тутунарите да бидат оштетени, изјави Менде Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија.

Стомнароски рече дека при средбата во Министерството за земјоделство со откупувачите, нагласиле дека откупот е катастрофален, како и цените и процената на вагите, а одбитоците се многу високи.

– Министерството нѐ поддржува за реална процена на родот. Ги повикувам сите повереници кои се на откупните пунктови, дека од понеделник, секаде каде се откупува тутун, доколку има нереална процена и се зема тутунот за класа подолу, да се блокираат вагите – да се известат Министерството и Земјоделскиот инспекторат. Министорот најави дека тој лично ќе појде на теренот за да се реши ситуацијата, тутунот да почне да се откупува реално. Нема да дозволиме тутунарите да бидат оштетени – изјави Стоманроски.

Како што велат од Сојузот, лани овој период имало веќе откупено 10 000 тони, а досега се само 250 тони и сите компании немаат отворено. Сега откупуваат четири, а од понеделник има најава да отворат уште четири откупувачи. Две компании се изјасниле дека до крајниот рок за почеток на откупот, 15 декември, ќе обезбеделе гаранции за средствата за плаќање. од Сојузот не знаат зошто е ваква ситуацијата и зошто тутунот се плаќа од 120 до 140 денари, а реално, според квалитетот, цената треба да биде од 180 до 200 денари за килограм.

Од Сојузот не знаат зошто се прави ваков притисок и велат дека докрај ќе стојат на ставот да се откупи и последното ливче произведен тутун.

– Моментално се откупува по 120, 130 до 140 денари за килограм. Според годинашниов квалитет сметаме цената дека треба да биде од 180 до 200 денари  – изјави Стомароски кој нема информација дека се увезува тутун. Според Законот децидно се знае која компанија кога и што увезува. Станува збор за режан тутун и за полуориенталски.

Тутунарите се исплашени од притисокот што им го прават откупувачите. Со ова се уназадува производството.

Од прилепскиот Институт за тутун велат дека годината е со просечен, добар квалитет, но за реално да се согледаат состојбите треба да се почека сите откупувачи да ги отворат пунктовите и да почне редовниот откуп од 15 декември.