Забраната за увоз на стоки од Србија во Косово се одрази и на цената на некои производи на пазарот, вели Крешник Бубљаку, управител на трговски центар во Косово, пишува РСЕ, пренесува Коссев. Тоа покажува дека поради забраната одредени испораки мора да се вршат од подалечни дестинации – што директно влијае на поскапувањето.

Претставниците на стопанските комори велат дека Владата треба да ја укине оваа мерка, бидејќи, како што наведуваат, освен што влијае на цените, влијае и на потенцијалните инвеститори. Косовската влада донесе одлука да го забрани увозот од Србија на 15 јуни 2023 година. Оттогаш од Србија во Косово влегуваат само суровини и полупроизводи неопходни за финално производство, потврдуваат од косовската царина. Бубљаку, вели дека покрај домашните производи, сега обезбедуваат и производи директно од земјите на потекло во ЕУ, кои претходно ги обезбедуваше Србија. Бидејќи транспортот е подолг и поскап, некои цени мораа да се зголемат, изјави тој за РСЕ.

Во последните седум-осум месеци и некои други производи се со повисоки цени, покажуваат граѓаните во анкетата на РСЕ во Приштина. „Поскапеа млекото, јогуртот, шеќерот и чајот. Едвај успеваме“, вели Љумније Бериша, која работи во фирма за одржување и е платена 320 евра месечно.

Во јуни минатата година, според податоците на косовската статистика, килограм шеќер се продавал за 1,10 евра, а во моментов е до 1,40. Литар млеко – чини од 1,20 1,35 евра. Веќе се зголемени и цените на некои хигиенски средства. Податоците на косовската царина покажуваат дека во текот на изминатата година вредноста на увозот од земји како Турција, Германија итн. е зголемен во однос на 2022 година.

Претседателот на Стопанската комора на Косово Љуљзим Рафуна вели дека прекинот треба да има одреден временски период. Рафуна, кој е и лидер на коморите на Западен Балкан, посочува дека ситуацијата која се создава со трговската размена меѓу Косово и Србија влијае на привлекувањето на странски инвестиции во Косово.