Русија и Иран ќе го „напуштат“ доларот во идните билатерални трансакции.

Според Москва, двете земји наскоро би можеле да склучат сеопфатен договор за соработка бидејќи ги зајакнуваат врските, објави „Спутник интернешнал“.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, зборуваше за време на посетата на рускиот претседател, Владимир Путин, на Иран, наведувајќи дека Москва и Техеран се сигурни долгорочни партнери.

Тој нагласи и дека двете земји постепено ќе ја напуштат практиката да користат американски долари за проценка на обемот на билатералната трговија.

„Сите знаеме дека трговските и економските односи на двете земји надминаа четири милијарди американски долари минатата година, иако можеби е погрешно да се броиме во американски долари, а со текот на времето веројатно ќе се оддалечиме од оваа практика додека ја развиваме нашата соработка во банкарскиот и финансискиот сектор“, рече Песков во интервју за иранската државна телевизија.

Тој исто така рече дека само во последните неколку месеци трговската размена меѓу Русија и Иран е зголемена за 31 отсто.

Песков ги коментираше и западните санкции и посочи дека Русија и Иран имаат можност да изградат добра соработка, што ќе ги минимизира последиците од санкциите.

Според него, ова не е прва деценија како Иран е под санкции и добро се адаптирал на нив, со цел да ја развие и подобри благосостојбата на својот народ и покрај санкциите. Тој посочи дека и Русија се навикнала на санкции, додавајќи дека рестрикциите против земјата се воведени уште од времето на СССР.