Во однос на производството на малини, Србија во 2022 година го освои третото место на глобално ниво, веднаш зад Русија и Мексико. Чиле, исто така голем производител на малини и други бобинки, го зазеде четвртото место, според последните податоци за минатата година.

– Нашите најголеми конкуренти со години – Полјаците лани имаа неуспех и имаат на располагање помали количини. И Русите се енигма, не извезуваат и не се стоковни производители како другите, односно произведуваат само за свој пазар – вели за „Политика рс“, д-р Александар Лепосавиќ, од Институтот за овоштарство во Чачак.

Инаку, во Србија, кога станува збор за овоштарството, најголеми површини се под сливи, потоа јаболка и цреши, а овоштарите исто така остваруваат најголемо производство кај овие видови. Според собраните податоци од 2021 година, најголем принос по хектар имаат јаболката, потоа сливите, крушите, кајсиите, црешите и праските. Како што неодамна соопштија од Агроклуб, ова се индикативни податоци, кои се менуваат од година во година, со тоа што сливата и јаболкото практично постојано доминираат како овошки.