Русија воведува бесцарински продавници (duty free shops) во кои дипломатите ќе можат да купуваат производи од Западот за девизи, што може многу Руси да ги потсети на злогласните продавници „Бериоска“ кои беа официјална привилегија за време на советската ера, пишува „Гардијан“.

Продавниците, кои би можеле да се отворат веќе наесен, ќе продаваат увезена стока која тешко може да се најде во редовните руски продавници бидејќи странските компании ја напуштаат земјата поради војната во Украина.

За да купуваат во такви продавници, клиентите ќе треба да приложат официјален документ со кој докажуваат дека се странски дипломати, вработени во меѓународни организации или членови на нивното семејство. Продавниците ќе прифаќаат и плаќање во долари и евра.

„Тоа е тотален СССР!“- напиша Сергеј Смирнов, главен уредник на рускиот весник „Медијазон“, кој известуваше за новата одредба откако беше објавена од официјалниот руски парламентарен весник, пренесе Индекс.хр.