Руската централна банка соопшти дека им наредила на брокерите да го прекинат извршувањето на сите налози од странски правни лица и лица кои сакаат да ги продадат своите руски инвестиции, како акции и удели во компании, пренесува Би-Би-Си.

Банката на Русија, исто така, соопшти дека допрва треба да одлучи дали денеска ќе ја отвори Московската берза, освен пазарот на девизен курс и пари. Времето за отворање веќе неколку пати беше поместувано во последните неколку часа.

Ова се случува откако рубљата падна на ново рекордно ниско ниво, откако западните земји најавија нови санкции против Русија поради нејзината инвазија на Украина.

Исто така, Руската централна банка соопшти дека ја зголемува основната каматна стапка на 20 отсто од 9,5 проценти, за да се спротивстави на ризиците од депресијација на рубљата и повисока инфлација, додека официјалните лица се обидуваат да ги менаџираат последиците од западните санкции, посочува Би-Би-Си.

Москва, исто така, им нареди на компаниите да продадат 80 отсто од приходите во странска валута, соопштија централната банка и Министерството за финансии.

„Надворешните услови за руската економија драстично се променија”, се вели во соопштението на Централната банка.