Руската економија продолжува да расте на почетокот на 2024 година, потврди денеска премиерот на Руската Федерација, Михаил Мишустин.

Мишустин истакна дека растот е извесен и дека ништо не се променило во таа смисла.

– Мерките што ги презеде Владата минатата година дадоа добри резултати, а се гледаат во динамиката на БДП и позитивните промени што се случија во многу сектори. На почетокот на 2024 година, трендот на раст не е променет, нашата економија продолжува да се развива самоуверено – рече Мишустин.

Тој потсети и дека, според проценката на Министерството за економски развој на Русија, БДП во јануари годинава порасна за речиси 5 отсто, а во февруари за 7,7 отсто.

Покрај тоа, пораст е забележан и во индустријата (8,5 отсто во февруари), пишува РИА.

– Моторот на успехот, како и во 2023 година, е преработувачката индустрија и тоа е многу важно. Нашата преработувачка индустрија расте со рекордно високо темпо – рече Мишустин.

Како што објасни, генератор на промени во економијата била побарувачката за нови производи и услуги произведени во Русија.

– Неопходно е да се поддржи оваа тенденција, водејќи се пред сѐ од програмата за национален развој што претседателот ја претстави во своето обраќање пред Сојузното собрание. До 2030 година Русија треба да стане една од четирите најголеми економии во светот во однос на паритетот на куповната моќ. Секако, потребно е да се делува многу активно, во повеќе насоки одеднаш – посочи премиерот.