Рускиот енергетски гигант Новатек објави дека потпишал дваесетгодишни договори за откуп со акционерите на својот проект „Арктик ТПГ2“ за целата количина на течен природен гас од таа област.

Продажбата на течен природен гас (ТНГ) од првата фабрика за течeн гас треба да започне во 2023 година, според компанијата, а веста е пренесена од Раша Тудеј.

Количините на ТНГ за испорака ќе бидат пропорционални на сопственичките придонеси на секој од учесниците во овој проект, се додава во соопштението на Новатек.

Леонид Микелсон, претседател на бордот на директори на компанијата, вели дека овие долгорочни договори помеѓу Арктик ТПГ 2 и нејзините акционери обезбедуваат иден приход од продажба на ТПГ и го прават овој проект без ризик.

„Ова е една од најважните пресвртници во привлекувањето надворешно финансирање за проектот, кое ќе биде завршено во 2021 година“, додаде тој.

Микелсон претходно изјави дека изградбата на фабриката ТПГ 2 на Арктикот е завршена 39 проценти и дека ќе биде пуштена во употреба како што беше планирано.

Проектот предвидува изградба на три постројки за втечнување (претворање на гас во течна состојба) со капацитет од 6,6 милиони тони годишно, како и кумулативен капацитет за производство на кондензат на гас од 1,6 милиони тони годишно.

Новатек е мнозински сопственик на овој проект со учество од 60 проценти, а меѓу малцинските акционери има странски инвеститори, вклучително и француски Тотал (10 проценти), кинески CNPC (10) и CNOOC (10) и јапонскиот конзорциум Micui и JOGMEC (10).