Руските банки загубија вкупно 1,5 трилион рубли (24,95 милијарди долари) во првите шест месеци од 2022 година, изјави денеска висок функционер на руската централна банка во интервју за деловниот весник РБЦ.

Ова е првпат ова регулаторно тело да го објави билансот на банкарскиот сектор откако Русија ја почна својата инвазија врз Украина во февруари.

Речиси две третини од загубите на банките се однесуваат на девизното работење, изјави Дмитриј Тулин, првиот заменик-гувернер на руската централна банка.

Тулин рече дека има повеќе од 50 % шанси загубите за целата година да не ја надминат бројката од 1,5 трилион рубли од првата половина на годината, пренесува „Ројтерс“.

Загубите беа концентрирани кај најголемите банки.

Банките со загуба забележаа вкупна загуба од 1,9 трилион рубли (31,6 милијарда долари) во споредба со профитабилните кредитори, кои заработија вкупно 400 милијарди рубли (6,65 милијарди долари).