Како технологијата ги менува работните места со невидена брзина, некои млади луѓе пронаоѓаат сопствени начини да заработат за живот, насочувајќи се кон самовработување, било од креативност и иновации, било од нужност.

Во 2025 година, 2,06 милиони лица на возраст од 20 до 29 години во Европската Унија биле самовработени, што претставува 7,9 отсто од сите самовработени лица на возраст од 20 до 64 години, соопшти Европската канцеларија за статистика.

Меѓу земјите членки на ЕУ, најголем удел на млади претприемачи меѓу самовработените имало во Словачка (12,2 отсто), Малта (10,5) и Романија (10,3 отсто).

Најмал удел бил забележан во Ирска (5,1 отсто), Бугарија (5,3) и Шпанија (5,9 отсто).

Во 2025 година, стапката на вработеност кај младите на возраст од 20 до 29 години во ЕУ изнесувала 65,6 отсто, што е зголемување од 6,3 процентни поени во споредба со 2015 година.

Највисоки стапки на вработеност кај младите имале Холандија (84,0 отсто) и Малта (82,1 отсто), по што следи Германија (77,0 отсто).

Од друга страна, најниска стапка на вработеност е забележана во Италија (47,6 отсто), потоа во Романија (52,0) и Бугарија (52,7 отсто).