Ова е игра со глобалната економија, оценува американската телевизија Си -Ен -Ен во денешниот коментар во врска со несогласувањето меѓу републиканците и демократите во Конгресот за подигнување на границата за задолжување на владата, за да може да продолжи да ги подмирува финансиските обврски.

Соединетите држави се упатуваат кон карпата, бидејќи Конгресот треба да го подигне плафонот што американската влада може да го позајми. Ако работите тргнат наопаку, последиците ќе се почувствуваат далеку надвор од границите на САД, рече уредникот на Си -Ен -Ен, Стивен Колинсон во анализата.

Со оглед на тоа што американската влада троши повеќе отколку што заработува, би била принудена да престане да го сервисира долгот – така што исплатата на воените плати, државните пензии и други бенефиции ќе пресушат, пренесува Танјуг.

И ако Соединетите држави не можат да платат камата за своите долгови, каматите за позајмување пари најверојатно ќе се зголемат – што значи дека ќе се зголемат и хипотеките, заемите за автомобили и сметките за кредитни картички. Милиони Американци најверојатно ќе ги загубат своите работни места, а бавното закрепнување од пандемијата ќе пропадне.

Бидејќи стабилноста на американскиот долг е темел на глобалната економија, неисполнувањето на финансиските обврски на Вашингтон може да го доведе остатокот од светот во криза.

Незамисливиот обем на овие последици е причината зошто завојуваните политичари во Вашингтон, главно по период на тврдоглави тензии и изнуди, обично постигнуваат консензус и гласаат за зголемување на плафонот на долгот во ноќта. Но, овој пат е поинаку, се наведува во анализата.

Републиканците ја отфрлаат играта, обвинувајќи ги Демократите на претседателот Џо Бајден за неконтролиран раст на трошоците што дополнително ќе го зголеми националниот долг, кој во моментов изнесува речиси 29.000 милијарди долари.

Нивниот став е длабоко лицемерен, според уредникот на Си -Ен -Ен. Прво, забележува тој, Демократите постојано гласаа со републиканците за зголемување на лимитот на задолжување под републикански претседатели.

Уште поважно, ограничувањето мора да се зголеми за плаќање на обврските преземени од самите републиканци со гласање за масовно намалување на данокот што им донесе корист на богатите за време на тогашниот претседател Доналд Трамп, се додава. Републиканците, според Колинсон, се однесуваат како државата да се развеселува во Лас Вегас една недела и сега одбива да ја плати сметката за кредитна картичка.

Но, републиканците сакаат „да ги мијат рацете“ за одговорност и да ги обвинат демократите дека ја навеле земјата до банкрот, бидејќи Бајден се залага за инвестициска програма од 4 трилиони долари за преобликување на економијата за да им помогне на помалку богатите Американци. Со толку многу во прашање, републиканците знаат дека демократите на крајот нема да имаат друг избор освен сами да усвојат зголемување на границата за задолжување – и да ја платат политичката цена, заклучува Си -Ен -Ен.