Швајцарија манипулира со курсот на франкот за да спречи негово зајакнување за време на превирањата на финансиските пазари предизвикани од пандемијата на коронавирус, објави Министерството за финансии на САД.

Министерството двапати годишно објавува извештаи во кои ја анализира валутната политика на големите трговски партнери, потсетува Би-би-си.

Швајцарија во извештајот објавен во средата е посочена како земја што манипулира со курсот на домашната валута, заедно со Виетнам.

Вашингтон исто така има намера внимателно да ги следи монетарните политики на 10 земји, вклучувајќи ги Кина, Јапонија, Јужна Кореја и Германија. На списокот на земји на кои им е потребно поголемо внимание се и Тајван, Тајланд и Индија, пренесува Би-би-си.

Во одлуката за поблиско следење на одделни земји, САД, меѓу другото, го разгледуваат и степенот до кој државите интервенираат на девизните пазари и степенот на вишок во билатералната размена.

Трговскиот вишок на Швајцарија во размената со САД нагло се зголемил во период од 12 месеци, до крајот на јуни, делумно поради наглото зголемување на извозот на злато во првата половина на 2020 година, водено од набавките на американските инвеститори во време на пандемијата, посочи Вашингтон.

Кон ова треба да се додадат и интервенциите на швајцарската централна банка на девизните пазари во вредност од 14 проценти од БДП, кои се обидуват да го амортизираат остриот скок на побарувачката за франци, додава Министерството за финансии на САД.

Од таму забележуваат дека интервенцијата е значително пообемна отколку во претходните периоди.

Швајцарија ја отфрли ознаката манипулатор на девизниот курс, додавајќи дека останува подготвена пообемно да интервенира на пазарот.