Американскиот министер за финансии Скот Бесент изјави дека САД заплениле ирански криптовалути во вредност од околу една милијарда долари и дека во соработка со европските сојузници работат на одземање на дополнителен имот поврзан со Техеран.
Во изјава за медиумите, Бесент рече дека американските власти директно презеле контрола врз дигитални паричници што содржеле значителни суми криптовалути.
„Верувам дека запленивме околу една милијарда долари во криптовалути. Едноставно ги преземаме паричниците“, изјави тој, додавајќи дека дел од сопствениците можеби сè уште не се свесни дека останале без пристап до средствата.
Американскиот министер соопшти и дека Вашингтон соработува со европските партнери во поширока акција насочена кон заплена на имот поврзан со Иран.
„Соработуваме со нашите сојузници низ Европа за заплена на вили, куќи и друг имот“, рече Бесент, оценувајќи дека станува збор за средства кои, според него, биле одземени од иранскиот народ.
Тој истакна и дека извозниот терминал за нафта на иранскиот остров Харг е речиси целосно блокиран, што го поврза со американските мерки насочени кон ограничување на иранскиот енергетски сектор.
Според Бесент, по неодамнешните тензии и напади во регионот на Персискиот Залив, повеќе држави од регионот ја засилиле соработката со САД во спроведувањето финансиски санкции против Иран. Тој додаде дека тоа овозможило замрзнување на ирански банкарски сметки во неколку земји од Заливот.
Изјавите доаѓаат во период на засилени економски и финансиски притисоци врз Иран, додека од Техеран засега нема официјална реакција на тврдењата на американскиот министер.