Со фокус на развој и просперитет, на 15и 16 мај ќе се одржи 13-то издание на Самитот на Македонија2025, во хотелот Мериот во Скопје. Самитот е една од најдобрите регионални платформи за размена на искуства, зајакнување на соработката и вмрежување на компаниите од регионот и дијаспората во насока на поттикнување промени во Југоисточна Европа.

Извршната директорка на Македонија2025 Никица Мојсовска Блажевски, денес ја презентираше агендата и говорниците, потенцирајќи дека интересот за присуство на Самитот е големо. Според досегашните пријави, се очекува присуство на над 400 гости, домашни и меѓународни лидери, претставници на домашни компании и компании од регионот и дијаспората, претставници на академската заедница, невладини организации, како и млади лидери.

На официјалното отворањето ќе имаат обраќање претседателот на Одборот на директори, Мајкл Чкламовски и Никица М. Блажевски, како и новоизбраниот претседател на Република Македонија.

Главните теми на Самитот ќе бидат обработени на 12 панел-сесии кои ќе вклучат 48 врвни говорници од Македонија и светот. Темите вклучуваат регионален развој и просперитет, стратешко лидерство во време на промени и иновации, раководење и раст на семејни бизниси, примена на вештачка интелигенција, дигитална трансформација на бизнисите итн.

Дополнително, ќе се обработат и теми поврзани со глобални стратегии за странски инвестиции, демократија и слобода на говор во дигиталното време, како и корупцијата како инхибитор на просперитетот.

Во рамки на Самитот, Македонија2025 ќе организира и 5 предавања и работилници на високообразовните институции и 5 работилници со компании и институции на кои ќе присуствуваат говорниците од Самитот и членовите на Одборот на директори на Македонија2025, како и средби со политичките лидери. Активностите поврзани со Самитот ќе завршат на 17 мај, со работилница организирана во соработка со Стопанската Комора на Македонија.

Повеќе информации за Самитот на официјалната веб-страница:

https://www.macedonia2025.com/summit-2024/