Најмал прогрес е забележан во областа на родовата еднаквост, каде нема ниту една активна ниту реализирана мерка.

Само 13 отсто од владините ветувања дадени за периодот 2024–2028 се целосно реализирани во првата година од мандатот, покажува мониторингот на Finance Think, спроведен преку надградената рамка КОМПАС, во партнерство со неколку граѓански организации.

Според податоците, од вкупно 139 следени ветувања во пет приоритетни области – социо-економија, образование, здравство, млади и родова еднаквост – целосно се исполнети само 18 мерки, додека 51 (37%) се во фаза на реализација. Највисок степен на напредок има во образованието, каде 24% од мерките се реализирани, а 70% се во тек. Најмал прогрес е забележан во областа на родовата еднаквост, каде нема ниту една активна ниту реализирана мерка.

Во областа на социо-економските политики се исполнети 4 од 43 мерки – како непроменети даночни стапки, поддршка за реинвестирана добивка и зголемени пензии – додека 12 се во реализација. Анализата посочува дека дел од ветувањата одат во спротивна насока од првичните цели, како што се намалување на буџетскиот дефицит и сивата економија, што претставува потенцијален ризик.

Според истражувањата за приоритетите на граѓаните, највисока поддршка имаат ветувањата поврзани со нови работни места, инвестиции и капацитети за детска грижа, додека зголемувањето на платите во јавниот сектор добива најмногу негативни оценки – особено во контекст на зголемувањето од 16,8% во 2024 година, над економскиот пораст.

Во образованието, од 37 мерки, реализирани се 9, а 26 се во тек. Се истакнува зголемувањето на буџетот за образование на 3,79% од БДП, но остануваат предизвици, особено во високото образование и интеграцијата на ветувањата во стратешките документи на МОН.

Во здравството, 3 мерки се исполнети, 5 се во реализација, меѓу кои и зголемување на капитациониот бод и воведување нови генерички лекови. Сепак, постојат големи структурни предизвици: недостиг на кадар, дигитализација и ограничен пристап до услуги.

Кај младите, од 15 следени мерки, само 2 се реализирани, 8 се во тек. Иако е формирано ново министерство за млади, конкретни мерки како студентски ваучери и поддршка за прв дом сè уште не се спроведени. Приоритетите на младите остануваат поддршката за домување и претприемништво.