Странските филијали во 2024 година сочинувале 4,7 проценти од претпријатијата во деловниот сектор, но ангажирале речиси една четвртина од вработените и создале 37 проценти од вкупната бруто-додадена вредност. Најголем придонес имаат преработувачката индустрија, секторот информации и комуникации и трговијата. 92,8 проценти од странските филијали се под контрола на европски земји.
Во 2024 година, 3.280 или 4,7 проценти од претпријатијата во деловниот сектор биле странски филијали, односно домашни претпријатија контролирани од странство, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Иако нивното учество во вкупниот број претпријатија е релативно мало, странските филијали ангажирале 24,2 проценти од вкупно вработените и создале 37 проценти од вкупната бруто-додадена вредност.
Најголемо учество во додадената вредност на домашните претпријатија контролирани од странство има преработувачката индустрија со 35,3 проценти. Следуваат секторот информации и комуникации со 16,7 проценти и трговијата на големо и мало, вклучително и поправката на моторни возила и мотоцикли, со 11,5 проценти.
Странските филијали главно се контролирани од европски земји – 92,8 проценти од нив. Земјите членки на Европската Унија контролираат 44,6 проценти од странските филијали, во кои се ангажирани 62,8 проценти од вработените и кои учествуваат со 61,9 проценти во создадената додадена вредност.
Меѓу економски најзначајните странски инвеститори според учеството во додадената вредност се Австрија со 17,4 проценти, Холандија со 11 проценти, Германија со 9,7 проценти и Обединетото Кралство со 9 проценти.
Од Државниот завод за статистика појаснуваат дека зголемениот број опфатени претпријатија, како резултат на подобрениот извор на податоци, нема значително влијание врз придонесот на домашните претпријатија контролирани од странство во вкупната економија.