Минимални отсто проценти од  домаќинствата се осигурани, тоа покажува дека се уште свесноста кај граѓаните е на многу ниско ниво.

Претседателот на Здружението на осигурувањето при Стопанската комора на Македонија, Ѓорѓе Војновиќ истакна дека во последниов период компаниите од овој сектор се повеќе се насочени кон продажба на осигурителните полиси по пат на интернет за што полесна и поблиска комуникација со граѓаните.

Освен што свесноста за осигурување е многу ниска, забележан е и пад на дел од  склучени договори. Намалување има кај осигурување на имот од катастрофални ризици како земјотреси и поплави.

Граѓаните ги осигурувале имотите еден до два месеци по земјотресот и поплавата, а потоа интересот се намалил.

„Некако лесно се продава нешто што мора да се купи, а тоа е авто одговорноста, и дури автомобилот е поважен да се осигура, дури има и предност во однос на станот да кажам“, истакна Ѓорѓе Војновиќ.

Праксата, властите редовно  да ги обесштетуваат земјоделците погодени од природни катастрофи е една од најчестите причини што земјоделците не ги осигуруваат посевите.

Згора на тоа кај полисите за земјоделско осигурување забележан е и пад кај  остварената бруто полисирана премија од 10 отсто , како и кај склучените договори за високи 45 отсто, во 2017 споредба со годината претходно.

Дополнително претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, Климе Попоски вели дека осигурителни друштва ги заостриле условите при приемот на барањата за осигурување, има зголемување на цените, но и високиот степен на ризици од неповолни временски услови.

„Самите друштва за осигурување ги заострија своите услови при прием на осигурување и имаа корекција на цените во однос на нивно зголемување. И самите фармери и самото население имајќи предвид дека владите секогаш интервенираат од буџетот тогаш се губи мотивот и моралот за купување на полиси“, порача Попоски.

Податоците покажуваат дека зголемување на годишно ниво  има кај здравственото осигурување. За една година приходите во бизнисот со осигурување е зголемен за 3 отсто. Во Македонија работат 16 друштва за осигурување и тоа 11 за неживотно и пет друштва за животно осигурување.