СДСМ преку соопштение обвинува дека во повеќе државни институции доцни исплатата на платите, а општините се соочуваат со проблеми при реализацијата на плаќањата преку Трезорот. Партијата ја поврзува состојбата со, како што наведува, сериозните проблеми во државната каса.
Во партиското соопштение се посочува дека меѓу институциите во кои доцнат платите е и најголемата енергетска компанија ЕСМ. Според СДСМ, вработените реагираат дека досега не се соочиле со вакво доцнење, бидејќи платите вообичаено ги добивале во првите пет дена од месецот.
Од партијата наведуваат дека вработените во ЕСМ добиле и СМС-пораки во кои било посочено дека сè уште нема точна информација кога ќе биде исплатена октомвриската плата и дека треба да имаат трпение. Дополнително, како што тврдат од СДСМ, општините пријавуваат дека не можат да реализираат плаќања преку Трезорот.
СДСМ со месеци предупредува на, како што оценува, лошата состојба со буџетот. Од партијата тврдат дека буџетскиот дефицит изнесува околу 900 милиони евра, а јавниот долг продолжува неконтролирано да расте.
Во соопштението се обвинуваат премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ дека за две години создале нов долг од четири милијарди евра, поради што до крајот на годината јавниот долг би можел да надмине 60 проценти од БДП.
Од СДСМ оценуваат дека задолжувањата и вториот ребаланс на буџетот се последица на ваквата состојба, додавајќи дека недостасуваат средства за зголемување на минималната плата на 600 евра и за поддршка на земјоделците.