СДСМ ветува дека и во наредниот мандат ако формира влада државата ќе вложува во земјоделствот. Говорејќи за идните мерки за развој на земјоделството, лидерот на партијата, Димитар Ковачевски, рече дека секој што ги исполнува критериумите добива финансиска поддршка за земјоделското производство.

„Парите ги насочуваме кај вистинските земјоделци, нема партиски списоци за делење на субвенции, како во едно друго време. Нема веќе земјоделци кои седат во јавна администрација и кои земјоделство не виделе а добиваат субвенции. Денес, субвенции се исплаќаат според реформираниот модел за субвенции, во согласност со правилата на ЕУ и ги добиваат вистинските земјоделци добиваат субвенции,  и добиваат 30 проценти авансно“, рече Ковачевски.

Во однос на идните политики и мерки, Ковачевски потенцираше дека СДСМ е партнер на земјоделците и поддршката ќе продоложи и во вториот мандат на Владата предводена од СДСМ.

„Ако од 2020 до 2024 се исплатени 560 милиони евра во директни плаќања, за периодот 2024-2028 година,  вкупниот буџет ќе го зголемиме на 750 милиони евра за земјоделците. Оваа мерка покрај тоа што директно ќе ја подобри состојбата во земјоделството, ќе има ефект и на извозот. Со ова очекуваме извозот од земјоделскиот сектор од сегашните 700 милиони евра да се зголеми на една милијарда и 250 милиони евра до 2028 година. Програмата за рурален развој исто така ќе ја зголемиме и тоа за 20 отсто, со што буџетот за таа намена ќе биде над 100 милиони евра за периодот 2024-2028 година“, изјави Ковачевски за време на посетата на винаријата „Брзанов“ во скопско Трубарево.