Во 2020 година биле регистрирани 5.141 новосоздадено претпријатие, што претставува 7,8 % од вкупно активните пазарно ориентирани претпријатија.Во однос на 2019 година, забележано е намалување на бројот на новосоздадените претпријатија за 6.0 %, и тоа најмногу во секторите Транспорт и складирање, Трговија, Преработувачка индустрија, како и Објекти за сместување и исхрана, објави Државниот завод за стаистика.

Најголемиот дел од новосоздадените претпријатија (77.6 %) припаѓаат на услужните дејности, во чии рамки најмногу се од секторот Трговија на големо и мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (1 574), Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (609) и Стручни, научни и технички дејности (553). 12.2 % од новосоздадените претпријатија припаѓаат на секторот Индустрија, а на секторот Градежништво 10.2 %.

Новосоздадените претпријатија вработиле 9. 867 лица, што претставува намалување за 23.7 % во однос на претходната година. Без вработени биле 20.6 % од новосоздадените претпријатија, 74.4 % вработиле 1-4 лица, додека 3.4 % вработиле од 5 до 9 лица.

Податоците за структурата на новосоздадените претпријатија според правната форма покажуваат дека најголемо учество имаат претпријатијата категоризирани во групата Друштва со ограничена одговорност и акционерски друштва (80.7 %).

ДЗС објави податоци и за згаснати претпријатија, но во 2019 и 2018 година.

Според претходните податоци во 2019 година згаснале 8.2 % од претпријатијата, односно 5.407.

Гледано по сектори на дејност, најголемиот дел од згаснатите претпријатија (37.1 %) се во секторот Трговија на големо и мало; поправка на моторни возила и мотоцикли, а според правната форма најголем дел од згаснатите претпријатијата (80.7 %) се категоризирани во групата Друштва со ограничена одговорност и акционерски друштва.

Во 2018 година според дефинитивните податоци на ДЗС д вкупниот број активни претпријатија згаснале 7.5 %, односно 4.879.

Гледано по сектори на дејност, најголемиот дел од згаснатите претпријатија (38.6 %) се во секторот Трговија на големо и мало; поправка на моторни возила и мотоцикли, а според правната форма дури 81.0 % се категоризирани во групата Друштва со ограничена одговорност и акционерски друштва.