Несоодветните мерки што се преземаат за намалување на ефектите од кризата врз реалниот сектор, бавниот процес на вакцинацијата и мерките за заштита од ширење на вирусот ја ограничуваат деловната активност на претпријатијата, кои се соочуваат со константно намалување на нарачките од странство што резултира со воочлив пад на индустриското производство

Пандемијата атакува на работните места во индустриските капацитети, каде што има намалување на бројот на работниците, а деновиве најави за отпуштања работници пристигнуваат и од текстилниот и угостителскиот сектор поради намалените нарачки и рестриктивните мерки. Податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) укажуваат на намалување на бројот на работниците во индустријата во февруари годинава во однос на истиот месец минатата година за 3,9 отсто.
– Намалувањето на бројот на вработени што го покажуваат и податоците на ДЗС е резултат на предолгото траење на здравствено-економска криза, која влезе во втората година на својата активност и несоодветните мерки што се преземаат за намалување на нејзините ефекти врз реалниот сектор. На процесот на надминување на кризата негативно влијание има бавниот процес на вакцинација, а карантинот и мерките за заштита од ширење на вирусот ја ограничуваат деловната активности на претпријатијата, кои се соочуваат со константно намалување на нарачките од странство и што е јасно воочливо од намалувањето на индустриското производство во преработувачката индустрија за 11,2 проценти – вели претседателот на Индустриската комора, при Сојузот на Стопански комори на Македонија, м-р Трајан Ангеловски.

Нема капитални инвестиции што би придвижиле многу стопански гранки

Ангеловски истакна дека оваа состојба може да се надмине со поголеми капитални инвестиции во нашата земја, кои би придвижиле многу стопански гранки, но додава дека такви проекти засега не се реализираат.
– Ова се гледа и во изразениот пад во секторот рударство и вадење камен, од – 28,9 отсто, кој би можел да учествува во реализацијата на капитални инвестиции. За надминување на состојбите недостигаат одлучни чекори за брзо ставање под контрола на здравствената криза, што би се направило со спроведување масовна имунизација и реализација на големи капитални проекти што ќе ангажираат многу сектори и на некој начин ќе го супституираат недостигот од нарачки што доаѓаат од странските пазари. Доколку ова не се случи, падот ќе биде уште поголем – предупредува Ангеловски.
Наедно првиот човек на Индустриската комора дополнува дека иако се појавил одреден оптимизам, сега кај претставниците во комората истиот тој е намален, па се надеваат на закрепнување следната година.

– Во однос на очекувањата за подобрување на состојбите, веќе го нема оптимизмот што постоеше и прогнозите се дека оваа состојба ќе трае до почетокот на 2022 година. Веќе од средината на следната година треба да почне процесот на закрепнување и очекување извесна стабилност. Сѐ дотогаш секојдневно ќе се плаќа цената на последиците од здравствената криза, проследена со намалување на активноста и губење работни места – дополнува Ангеловски.
Претставниците на Стопанската комора на Северна Македонија посочуваат дека поради пандемијата, на глобално ниво има намалување на потрошувачката на одредени индустриски производи, што се одразува врз работењето на компаниите во земјава, кои поради намалената побарувачка пристапиле и кон намалување на бројот на работници.
– Како резултат на пандемијата предизвикана од ковид-19 и мерките преземени за спречување на нејзиното ширење на светско ниво, во глобални рамки дојде до намалување на побарувачката кај одредени индустриски производи, а тоа влијаеше на намалување на производство кај нас. Поради намалената екстерна побарувачка, огромно намалување бележи производството во текстилните компании, што доведе до намалена профитабилност и ликвидност на компаниите и намалување на бројот на работниците. За два месеца од 2021 година во споредба со истиот период 2020 година, бројот на работници во преработувачката индустрија е намален за 3,8 отсто. Најголемо намалување има кај производството на машини и уреди од 11 проценти, производството на тутунски производи од 7 отсто, производството на електрична енергија од 7,1 проценти. Во делот на производството на текстил и облека имаме намалување на индексот на работници од околу 5,7 отсто – објаснуваат од Стопанската комора на Северна Македонија.

Просечната искористеност на капацитетите во февруари – само 70,7 отсто

Од СКСМ објаснуваат дека податоците на ДЗС за деловни тенденции во преработувачката индустрија за февруари 2021 година укажуваат оти индикаторот на доверба е зголемен за 0,4 процентни поени во однос на јануари. Сепак, додаваат дека овој индикатор во однос на февруари 2020 година е намален за 8,5 процентни поени.
– Оцената за економската состојба на деловните субјекти во февруари 2021 е поповолна во однос на претходниот месец, а понеповолна во однос на февруари 2020 година. Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во февруари 2021 година е 70,7 отсто од нормалното. Според најавите и процените на сопствениците на компаниите членки на Стопанската комора на Северна Македонија и во наредниот период се очекува делумно намален обем на работа. Некои дејности, како електромашинската индустрија, очекуваат стабилизирање на состојбите и зголемен обем на работа, но во текстилната и кожарската индустрија очекувањата се различни. Имено, поради пандемијата кај најголемите трговски партнери на домашните компании и намалената потрошувачка на текстилни производи и во следниот период се очекува откажување или намалување на обемот на нарачките, односно нарачки на помали серии. Потребни ќе бидат повеќе од шест месеци за нормализирање на нарачките и производството, а тоа би значело дека наредниот период би бил период на намалена економска активност – истакнуваат од СКСМ.

Намалувањето на производството е поизразено во секторите со најмногу вработени

Народната банка во кварталниот извештај регистрира намалено индустриско производство, поизразено во секторите со најголем број вработени, како преработувачката индустрија.
– По растот во декември, во јануари индустриското производство забележа годишен пад од 13,5 проценти. Во рамките на преработувачката индустрија, од каде што произлегува најголем дел од негативниот придонес, падот е широко дисперзиран, а најголем негативен придонес има производството на моторни возила, но и неколку традиционални дејности како производство на облека и текстил, производството на прехранбени производи и на неметални минерални производи – пишува во анализата на НБРСМ.
Економистите укажуваат оти ако не се реализираат владините мерки и не се забрза имунизацијата на населението се очекува раст на невработеноста.
– Многу е битно дали мерките од петтиот и од претходно нецелосно реализираните пакети за санирање на состојбите во економијата ќе се реализираат со потребната динамика и со правилно насочување за помош кај економските субјекти. Значајно е и дали кризата ќе продолжи со истото или дури со засилено темпо или постепено ќе се намалува со вакцинацијата. Како и да е, стопанствениците се претпазливи и во зависност од силата и ефективноста на дејствувањето на надлежните институции на економско-здравствен план, компаниите ќе го задржат или ќе го намалат бројот на вработени – вели професорот Томе Неновски од „Американ колеџ“.