По првите два се очекува јавен повик и за третата мерка од ИПАРД 3, за поддршка на инвестиции во основни средства и за преработка и маркетинг на земјоделски и на производи од риба. Кофинансирањето е 50 проценти од вложените средства.

Преработувачите на земјоделските производи чекаат нов јавен повик од ИПАРД 3 за поддршка на инвестициите во основни средства и за преработка и маркетинг на земјоделски и на производи од риба.

Прифатливи за кофинансирање се 50 проценти од трошоците за набавка на опрема и услуги, без вложувањата за градежни работи.

Прифатливи инвестиции се и набавката на опрема за производство на енергија со преработка на биомаса од растително и животинско потекло. Корисници се трговски друштва, односно микро, мали и средни претпријатија со најмногу до 250 вработени и задруги.

Инвестициите треба да се од најмалку 50 илјади до најмногу еден и пол милион евра.

Приоритет ќе имаат вложувањата за преработка на млеко и млечни производи, месо и месни производи, за јајца и за живина. Пари ќе има и за преработка на овошје и зеленчук, житарици, мелнички производи и вино.

Земјиштето на кое се планираат објектите треба да е во сопственост на барателот на средствата или да е земено под закуп или концесија за најмалку 7 години од денот на аплицирањето.