Туристичките работници ги „тријат“ рацете, на брегот на Охридското Езеро се очекува плодна туристичка сезона. Најбројни гости во Охрид пролетва се Турците, кои се дел од Балканските тури. Од утре на охридскиот аеродром пристигнуваат првите гости од Холандија преку туроператорот Корендон.

На брегот на Охридското Езеро се очекува плодна туристичка сезона, прогнозираат експертите. На годишно ниво ќе има пораст на бројот на туристи за над 5%. Најбројни гости во Охрид пролетва се Турците, кои се дел од Балканските тури. Од утре на охридскиот аеродром пристигнуваат првите туристи од Холандија преку туроператорот Корендон.

Експертите велат-во фокусот треба да бидат нови пазари, субвенционирани чартер летови за привлекување гости и од останатите европски земји.

Фокус на нови пазари

„Треба да размислуваме за нови пазари, она што е добро дека ние сме вмрежени во пошироки тури и значи заеднички ги таргетираме пазарите. Оти оние од далечниот исток не ја гледаат Македонија туку го гледаат Балканот и тоа е добро, но мислам дека уште малку треба да се работи на европските туристи да се фокусираме“, вели Сашо Коруноски професор од ФТУ Охрид.

„Оваа година Полјаците, но за прв пат и Скандинавските земји секако најповеќе доаѓаат преку Албанија, Полска ќе биде број 1, ќе ги имаме Холанѓаните“, вели Ристе Голабоски туристички водич.

И покрај зголемените цени, Охрид е најевтина дестинација во регионот

И покрај поскапувањето на цените од 10% до 30% во хотелско-угостителскиот сектор, главниот туристички центар во земјава и натаму се смета за најевтина дестинација во регионот.

„Никој не доаѓа ако е скапо, значи се вклопуваме особено што Охрид и Македонија се дел од таа Балканска тура, што значи цените се апсолутно прифатливи за оние коишто доаѓаат“, додава професорот Коруноски.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во периодот јануари – февруари 2024 година, во однос на истиот период лани, бројот на туристите е зголемен за 9%.