Владата денеска треба да ги утврди највисоките цени на дел од овошјето и зеленчукот. Со одлуката ќе бидат опфатени домати, краставици, кромид, карфиол, пипер, грав, леќа, банани, портокали, мандарини и лимон.

Како што соопшти министерот за економија Крешник Бектеши, анализите на податоците за овие производи се завршени.

Бектеши воедно ги повика граѓаните да дадат придонес во дополнување на листата производи.

-Утре се определуваат највисоки цени за домати, крастивици, кромид, карфиол, пипер, грав, леќа, банани, портокали, мандарини и лимон. Ги повикувам граѓаните да дадат исто така придонес во делот на дополнување на листата на производи, како и на цените на кои тие сметаат дека треба да се замрзнат во делот на овошје и зеленчук или други производи. Се грижиме заедно, напиша министерот.

Владата веќе ја замрзна цената на дел од производите за хигиена, на тестенините, млечните проиозводи и на белиот и полубелиот леб до 450 грама.

Според министерот Бектеши, замрзнувањето на цените е мерка која дава резултат и можно е да се пролонгира кај одредени производи и по утврдениот краен рок, доколку се процени дека за тоа има потреба. Исто така, најави дека не се исклучени и други вакви интервенции.

Министерот е дециден дека нема да дојде до нагло поскапување на производите кога ќе престанат да важат владините одлуки за замрзнување на цените.