Без административна постапка и посебно решение/одобрение од локалната самоуправа граѓаните и деловната заедница ќе можат сами да си произведуваат електрична енергија. Со последните измени на Законот за градење кој стапува на сила домаќинствата ќе можат да постават на своите објекти фотоволтаици со моќност до 6 киловати додека за компаниите дозволена ќе биде инсталација со моќност до 40 киловати. Граѓаните треба да достават известување за поставување фотонапонска електроцентрала кон кое ќе приложат копија од лична карта и имотен лист за објектот. Со измените се предвидува и посебна постапка за поставување фотонапонски електроцентрали на објекти, без издавање на решение за поставување, од страна на потрошувачи-производители кои произведената електрична енергија ја користат за сопствена потрошувачка, а вишокот ќе го предаваат во електродистрибутивна мрежа.