Во месец февруари во САД имало 11,27 милиони огласени слободни работни места, а 6,27 милиони невработени лица.

Се зголемил бројот на Американци што си дале отказ на работа во февруари, додека јазот помеѓу бројот на слободните работни места и бројот на невработените во земјата се зголемува, покажуваат бројките на Бирото за трудова статистика на САД објавени вчера.

Извештајот „Job Openings and Labor Turnover Survey” покажува дека 4,35 милиони работници си заминале од работодавците во февруари годинава, што е зголемување за 94.000 во однос на претходниот месец. Тоа е исто така за нијанса покачено ниво како процент од вкупната работна сила, од 2,8% на 2,9%.

Истовремено, во истиот месец имало 11,27 милиони огласени слободни работни места, што е мал пад во однос на јануари. Меѓутоа, како што пренесува CNBC, откако вкупниот број на невработени се намали на 6,27 милиони, тоа остава рекордни 5 милиони слободни работни позиции повеќе одошто расположливи работници. Или 1,8 работни места за секој невработен.

Образованието и здравството се секторите со најголем број слободни работни места во февруари, 2,23 милиони, по што следат професионалните и бизнис услуги со 2,1 милион, како и трговијата, транспортот и комуналните услуги со 1,86 милиони.

Се’ уште, рекордот по број на вработени што си дале отказ го држи ноември во 2021, кога 4,51 милион американски работници своеволно си заминале од работните места.

Овој тренд на повисоки  бројки на работници што си даваат отказ од вообичаените нивоа во САД почна некаде пролетта 2021 година и продолжи и во текот на есента лани, откако се стиши ситуацијата со ковид-пандемијата во земјата, стапките на невработеност се намалија, а бројот на огласени слободни работни места се зголеми. Овој феномен во пошироката јавност доби и свое неформален назив, “The Great Resignation”, за чијшто автор се смета професорот Ентони Клоц, од  универзитетот Texas A&M.

Американските аналитичари велат дека клучната причина за “Great Resignation” или “Big Quit” како што уште го нарекуваат, што во слободен превод би било „голем бран на откази”, “големото напуштање на работата” и сл., е веројатно големиот број на слободни работни места во комбинација со пониските стапки на невработеност. Индустриите што беа најмногу погодени од пандемијата – хотелиерство, туризам, угостителство, забава, итн., сега имаат најголема побарувачка за работници. Меѓутоа, голем број на луѓе останувајќи без работа сред пандемијата, или поминувајќи повеќе време со работа од дома, почнаа да добиваат поинакви идеи за тоа што би било идеална работна средина за нив.

Како што велат американските експерти, работниците сe’ почесто се решаваат да го променат работното место доколку оценат дека нивниот актуелен работодавец не се грижи за нивната благосостојба.