Уделот на вработените во еврозоната кои користат вештачка интелигенција на работа се дуплираше за две години и сега надминува 50 проценти, изјави претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, во Виена на состанокот „Хофбург во дијалог – Економија, Европа, отпорност“.

„Уделот на вработените во еврозоната кои користат вештачка интелигенција на работа се дуплираше за две години и сега надминува 50 проценти, што е нивото што му беа потребни околу десет години на интернетот да го достигне“, рече Лагард и додаде дека работниците сè повеќе користат вештачка интелигенција, како што е објавено на веб-страницата на ЕЦБ.

Компаниите од еврозоната, како што е наведено, ќе издвојат околу 10 проценти од вкупните инвестиции за вештачка интелигенција во 2026 година, а експертите на ЕЦБ проценуваат дека задолжувањето поврзано со вештачката интелигенција сочинува околу една четвртина од растот на корпоративното кредитирање во првиот квартал од оваа година.

Проценките на ЕЦБ покажуваат дека ако вештачката интелигенција се усвои брзо, таа би можела да ги зголеми нивоата на продуктивност до четири проценти во текот на една деценија, што би претставувало огромна промена за јавните финансии.