Британската телекомуникациска групација Водафон ќе ја понуди првата СМС во светот на онлајн аукција.

Имено, тие решиле на аукцијата да постават СМС порака која била испратена во 1992 година и во која се честита Божиќ.

Според странските медиуми, купувачот на таканаречениот NFT (незаменлив токен) ќе добие единствена реплика на оригиналниот протокол за комуникација.

Сето ова се одржува како дел од хуманитарната онлајн аукција организирана од француската аукциска куќа „Aguttes“ на 21 декември.

Водафон ги донира приходите за помош на раселените лица, поточно – средствата ќе бидат насочени кон Обединетите нации.

СМС со текст „Среќен Божиќ“ беше испратена на 3 декември 1992 година и беше примена од Ричард Џарвис, тогашен вработен во компанијата.

Историската СМС-порака од 15 знаци ќе биде продадена на аукција како NFT во еднократна продажба спроведена од аукциската куќа Aguttes во Франција, наведува романската новинска агенција Ziarul Financiar.

Учесниците на аукцијата ќе можат да поднесат понуди користејќи ја криптовалутата ethereum (ETH), а најголемата понуда ќе донесе некому ексклузивна сопственост на протоколот за комуникација што се користи за пренос на првата СМС во светот.