Станува збор за системско решение за платите на вработените во јавниот сектор, врз основа на утврдени критериуми, кои одговараат објективно на состојбите. Такво решение беше постигнато за растот на минималната плата и пензиите. Со ова системско решение од овој месец минималната плата има раст од 12,55 отсто во однос на март минатата година, велат од Министерството за финансии

Веќе се работи на Законот за плати во јавниот сектор, кој е објавен на ЕНЕР и е на јавна расправа. Решението на ова прашање со платите ќе го бараме заедно со партнерите во Економско социјалниот совет, синдикатите и работодавачите. Одржлива и долгорочна методологија заснована на објективно дефинирани критериуми е решението кое го бараме за платите на вработените во целиот јавен сектор, велат од Министерството за финансии.

Оттаму додаваат дека се работи да се најде одржливо системско решение што ќе се однесува на целиот јавен сектор, по примерот со минималната плата и пензиите.

„Во Законот за службеници во државната администрација се воведе методолодија со која минималната плата е внесена како основна компонента во платата на државната администрација и врз основа на тоа платите на сите вработени во државната администрација се зголемуваат согласно утврдените критериуми за раст на минималната плата“,

се вели во соопштението од Министерство за финансии.

Тоа, како што додаваат оттаму, се однесува на вработените опфатени со овој закон, додека кај другите растот на платите е регулиран со колективни договори.

„Станува збор за системско решение за платите на вработените во јавниот сектор, врз основа на утврдени критериуми, кои одговараат објективно на состојбите. Такво решение беше постигнато за растот на минималната плата и пензиите. Така согласно ова решение, во иднина секоја година во март врз основа на дефинираните критериуми, раст на трошоците на живот и раст на просечната плата, ќе се утврдува растот на минималната плата. Тоа е воспоставен систем, инкорпориран во Закон и кој ќе се имплементира во пракса“,

се вели во соопштението од МФ.

Така со воведеното системско решение од овој месец, според Министерството, минималната плата има раст за 2 175 денари или 12,55 отсто во однос на март минатата година. Раст од над 13 отсто, велат, има и просечната плата на вработените во државата, која достигна  34 000 денари.

„Податоците објавени од Државниот завод за статистика  регистрираат раст на просечната нето плата во скоро сите дејности. Во преработувачката индустрија има раст на платите од околу 16 отсто, градежништвото 20, трговија 12, транспорт 23, информации и комуникации 17, финансиски дејности и осигурување 9. Во административни и помошни услужни дејности растот на платите е 13 отсто, јавна управа и одбрана 6, образование 15, здравство и социјална заштита 5, уметност, забава и рекреација 13 при тоа во креативните, уметничките и забавни дејности просечната плата бележи раст од 17,8 отсто и изнесува близу 38 000 денари, додека во областа библиотеки, архиви, музеи, и останати културни дејности просечната плата има раст од 15,5 отсто и изнесува околу 35 000 денари“,

велат од Министерството за финансии.

Оваа Влада, нагласуваат оттаму, презема мерки за раст на платите и заштита на стандардот на граѓаните. „Минатата година се зголемија платите во основно и средно образование за 15 отсто, во градинките за 15, високо образование за 7, а дополително во 2021 година имаше раст од 8 отсто, во култура во 2022 година има раст на платите од 18 отсто, судство 15, полиција 5 отсто“, додаваат од Министерство за финансии.