Со законот за буџети се воведуваат и фискални правила и интегриран систем за управување со финансии како и регистер на јавни субјекти.

Поставување на фискални правила и воспоставување на Фискален совет – во насока на поголема контрола, среднорочно буџетирање и воспоставување на интегриран систем за управување со јавни финансии-во насока на подобро планирање, креирање на регистар на јавни субјекти и зголемување на транспарентноста се дел од одредбите од новиот Предлог-закон за буџети.

Денека на јавната расправа која се одржа во Министерството за финансии, на која учествуваше министерот за финансии Фатмир Бесими, преставници на Светска банка, ММФ и Европската комисија, како и претставници на експертската јавност, на стопанските комори и на невладините организации, беше дискутиран овој нов закон и предлозите кои биле доставени на ЕНЕР и имплементирани во законот.

Фискалниот совет, како што беше речено на расправата, ќе биде независно тело од 3 члена предложени од МАНУ, Државен завод за ревизија и Народна банка, а кои ќе бидат избрани од страна на Собранието. Членовите на ова тело ќе бидат експерти од областа на јавните финансии, макроекономија или економија.

Со новиот закон за првпат се воспоставува Регистар на јавни субјекти, кој ќе биде јавно достапен и во него ќе бидат евидентирани сите правни субјекти основани директно или индиректно од страна на државата или на општините. На тој начин ќе се обезбеди сеопфатност и транспарентност за сите јавни субјекти независно дали се на централно или на локално ниво.

Исто така ќе се воведе Интегриран систем за управување со јавни финансии ИФМИС, преку кој ќе се подобри контролата на извршување на приходите и расходите од нивно планирање до конечна реализација.

Министерот за финансии посочи дека со зајакнување на управувањето со јавните финансии преку еден нов стратешки пристап се цели кон забрзување на економскиот раст од 2-2,5% колку што беше во последната деценија на 4-5% просечен годишен раст во следните пет години, а притоа да се постигнеме и фискална консолидација за да обезбедиме одржлив и инклузивен раст.