Сите 99 извршители заедно оствариле вкупен чист приход од 2,3 милиони евра, што е за е за 29 проценти помалку од 2019 година и за дури 45 проценти помалку од 2016 година, кога печалбата на сите извршители заедно надминала четири милиони евра. Само за администрирање, преземени извршни дејствија и извршителска награда од должниците се наплатени вкупно 6,9 милиони евра. 

Секој извршител лани во просек заработил по повеќе од 23 илјади евра. Тоа е нивната чиста печалба од наплатените нешто над 123 милиони евра од фирмите, граѓаните и државата.

Според информацијата за примена на Законот за извршување и извршените надзори над работата на извршителите за 2020 година што ја изготви Министерството за правда како цена на администрирање, преземени извршни дејствија и награда, извршителите од должниците наплатиле вкупно 6,9 милиони ера. Но, извршителите обично печалат многу повеќе, а лани поради пандемијата со уредба со законска сила наплатата им беше стопираниа цели четири месеци. Затоа, оваа сума е за околу 27 проценти пониска од остварената во 2019 година. Поединечно, амо администрирањето, што всушност е надомест за обработка на предметот, чинело вкупно 408 илјади евра. Тоа е за 23 проценти помалку отколку во 2019 година, што според Министерството за правда се должи на помалиот број примени предмети. Падот на приходите по овој основ е уште поголем во споредба со рекордната 2016 година.

-Во споредба со 2016 година кога имаше рекорден прилив на 227.836 предмети има намалување на наплатените средства по основ на цена на администрирање за 2,5 пати, појаснуваат од Министерството.

По основ на преземени извршни дејствија извршителите наплатиле околу три милиони евра, или за една третина помалку од 2019 година. Како награда за извршување, пак, од должниците земале вкупно 3,3 милиони евра. И таа сума  е помала од наплатената во 2019 година, но само за 19 проценти.

Кога ќе се одбијат давачките, од сите овие суми на извршителите им останале чисти 2,3 милиони евра. Во државата лани работеа вкупно 99 извршители, што значи дека во просек секој од нив спечалил по 23.232 евра. Од Министерството за правда нагласуваат дека вкупната сума на чиста заработка е за 29 проценти помала од онаа во 2019 година и за дури 45 проценти помала од реализираната во 2016 година, кога печалбата на сите извршители заедно надминала четири милиони евра.

Лани најмногу им паднале приходите на прилепските и крушевските извршители, дури за 66 проценти. Нив ги има вкупно шест и секој од нив во просек заработил по 3.800 евра. Со иста заработка како преклани, лани останале гостиварските и кичевските извршители.

Инаку, поединечно, во просек секој извршител во државата лани имал бруто приход од 85.000 евра. Во 2019 година пак, просечниот приход по извршител изнесувал повеќе од 116 илјади евра.

Анализирајќи ги податоците од завршните сметки, Министерството за правда забележува дека некои извршители прикажуваат високи трошоци, а остваруваат големи бруто приходи.

-И понатаму продолжува трендот на континуирано високи трошоци на работење кај еден мал дел од извршителите. Притоа истите реализираат исклучително високи бруто-приходи, екстремно големи трошоци во работењето, кои го достигнуваат и бруто приходот, со што прикажуваат екстремно мали нето приходи, стои во извештајот на Министерството за правда.

Оценуваат дека ова ја извитоперува сликата за финансиските резултати од работењето на извршителите, па Министерството смета дека Управата за јавни приходи треба да направи анализа на податоците прикажани во нивните годишни сметки.