Околу половина (51 отсто) од возрасните Европејци користат интернет банкарство, додека во Македонија овој процент изнесува само 8 отсто, покажуваат податоците на Евростат. Иако имаме доста низок удел на граѓани кои ги вршат банкарските услуги преку компјутер наместо на шалтер, сепак од достапните бројки може да се види дека на ова поле сме подобри од Бугарија и од Романија, земји- членки на ЕУ од балканскиот регион. Статистиката покажува дека во земјава во последниве десетина години уделот на интернет банкарството расте со иста пропорција како и во ЕУ, односно двојно се зголемил во споредба со 2009 година, кога изнесуваше 4 отсто.

Ова покажува дека се повеќе се вртиме кон новите и поедноставни начини на плаќање со кои се избегнуваат долгите редици на банкарските шалтери и употребата на готови пари. Речиси сите македонски банки ги следат светските трендови и нудат електронско банкарство, односно можност сите сметки и трансакции да се плаќаат онлајн преку интернет, што на нивните клиенти им носи заштеда на време и пари. Но, сепак, пред нив има уште неискористен простор за развој на интернет банкарството и огромна бројка корисници, кои треба со конкурентна понуда да ја натераат да се вмрежат на виртуелните шалтери.

Според истражувањето на Евростат, интернет банкарството е особено популарно кај помладите генерации и кај пообразуваното население. Така, од луѓето на возраст од 25 до 34 години, дури 68 отсто од нив го користат. Исто така, употребата на интернет банкарството има тенденција да расте во согласност со нивото на образование на корисникот. Додека само 24 отсто од оние со ниско образование користат електронско банкарство, 77 отсто од оние со високо образование ја користат оваа услуга.

Меѓу земјите-членки на ЕУ, интернет-банкарството е најзастапено во Данска (90 отсто од луѓето на возраст од 16 до 74 години се изјасниле дека го користат) и Холандија (89 отсто), по што следат другите нордиски земји, Финска (87 отсто) и Шведска (86 отсто).

Најниски удели во Европската унија се регистрирани во Бугарија (5 отсто) и во Романија (7 отсто). Помалку од третина од населениета на возраст меѓу 16 и 74 години користат интернет банкарство во Грција (25 отсто) и во Кипар (28 отсто).

Од другите земји на Балканот, интернет банкарство користат 16 отсто од населението во Србија, само 4 отсто во Црна Гора, 33 отсто во Хрватска, 39 отсто во Словенија и 23 отсто во Турција.

16.01.2018